Студентите-корисници на годишен студентски билет ќе можат бесплатно да го користат јавниот превоз во Скопје и со непродолжен, односно незаверен билет за тековната година, до крајот на февруари, соопштија од ЈСП Скопје.
Од таму додаваат дека при користење на превозот, а во случај на линиска контрола, студентите имаат обврска да приложат картичка „Скопска“ со која ќе докажат дека ги исполнуваат условите за користење на годишен студентски билет, кој притоа не им е продолжен, но контролорите не смеат да им издадат записник или казна.
„Од 1 март, секој студент кој ги исполнува условите за посочениот тип на билет, а истиот не го заверил/продолжил, во случај на контрола ќе добие казна, доколку евентуално не поседува друг тип на билет, уредно валидиран“, велат од ЈСП Скопје.
Оваа одлука ЈСП Скопје ја донесе по барање на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ), кое на почетокот годинава побара продолжување на рокот на важењето на студентските билети. Студентските претставници го упатија ова барање поради ситуацијата со зголемениот број случаи позитивни на „омикрон“ сојот на ковид-19, со што студентите би имале повеќе време за да ја завршат оваа процедура и не би создавале гужви во билетарниците.
Мета.мк веќе пишуваше и за реакциите на студентите дека контролорите на ЈСП ги казнуваат оние кои не стигнале да ги продолжат своите билети.
Од УСС УКИМ побараа поништување на казните на оние студенти кои ги добиле од почетокот на годината поради непознавање на правилата, но од ЈСП не соопштија дали казните ќе бидат поништени.
Инаку, право на користење на бесплатниот студентски билет имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје, на додипломски студии, без ограничување на возраста. Важноста на билетот се продолжува секоја календарска година.
На оние студенти кои првпат запишале прва година во 2021 година и го користат правото на билет за бесплатен јавен превоз, билетот автоматски им важи до крајот на оваа, 2022 година.
Останатите студенти, важноста на билетот ја продолжуваат со потврда за редовен студент не постара од еден месец и запишан зимски или летен семестар. Продолжувањето на важноста на билетите се врши во центрите за персонализација на ЈСП.
Годишниот студентски билет не важи за ноќните линии на ЈСП Скопје.