Студентите кои пропуштиле можат да аплицираат за оброк до 26 март

Пријавувањето е многу едноставно, се прикачуваат само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка

Image by Hans Braxmeier from Pixabay

До 26 март можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк сите студенти кои досега не успеале да се пријават за да добиваат пари за тоа, информираат во Министерството за образование и наука (МОН). Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

„Пријавувањето е многу едноставно, се прикачуваат само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка“, потсетуваат во МОН.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно
добиваат по 2.400 денари за девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од
минималната плата.