Студентите избраа свои претставници во рамки на факултетите

По повеќе од три години, УКИМ распиша и спроведе избори за студентски претставници преку кои гласот на студентите ќе биде слушнат во рамките на факултетите и универзитетот. Младински образовен форум во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики спроведе мониторинг на студентските избори на УКИМ.

Тим од 25 набљудувачи помина обука за набљудување и беше присутен на избирачките места во периодот од 15 ноември до 20 декември. Секој од факултетите имаше изборна комисија составена од најмалку двајца професори и двајца студенти.

Генерално, студентските избори беа спроведени без посериозно нарушување на изборниот процес, со исклучок на недостаток на изборен материјал на неколку од гласачките места (недоволно гласачки ливчиња, импровизирани паравани и нетранспарентност на гласачките кутии). Се прегласуваше на Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер и Филозофскиот факултет.

Од јавно достапните информации и спроведеното теренско набљудување на студентските избори, вкупно 25 444 студенти имаа право на глас на овие студентски избори. За жал, не сите факултети објавија податоци за излезноста на студентите, па од достапните информации на 11 факултети, на кои студираат 59 проценти од студентите со право на глас, излезноста е 14.09 проценти. Оваа релативно ниска излезност се должи на незапознаеноста на студентите со изборниот процес, недостаток од мотивација да се вклучат во студентските тела и кусите рокови за поднесување на кандидатури на студентите и пречистување на избирачкиот список.

Иако Универзитетското собрание сè уште не е формирано поради развлекувањето на изборите на 23-те факултети во рамки на УКИМ, факултетските собранија бројат 390 студентски претставници кои во наредната година ќе се трудат да ги застапуваат интересите на студентите.

Препораките на МОФ за подобрување на следните избори се во насока на одржување на изборите на сите факултети во пократок период со цел навремено започнување со работа на универзитетското и факултетските собранија, обезбедување на подолг временски период за поднесување на кандидатури од заинтересираните студенти, но и точно, навремено и детално објавување на резултатите од спроведените избори. Потребна е поголема логистичка поддршка од УКИМ на гласачките места на факултетите и ставање на студентското организирање на листата на приоритети на факултетите со што ќе се поттикне поголема вклученост и поголема излезност на студентските избори.