Студентите и МОН разговараа за Законот за субвенциониран оброк – се предлага парите да не може да се префрлаат за следниот ден

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Мерката субвенциониран оброк за студентите ќе биде достапна и во иднина, а во меѓувреме законското решение ќе се унапреди согласно потребите и барањата на студентите, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска во Собранието беше на средба со претставници на студентските собранија и организации. На средбата се дискутирало за подобрување на законското решение кое предвидува доделување на средства за субвенциониран студентски оброк.

Министерот истакна дека измените се однесуваат на повеќе сегменти на законот. Студентите ова право ќе го користат од понеделник до петок, без ограничување на часовите, а исклучок е периодот од 1 јули до 14 септември кога корисниците нема да имаат право на добивање паричен надоместок, како и во неработните денови и државните празници.

Непотрошените средства се предлага да не се префрлаат за трошење следниот ден.

Од МОН информираа дека во иднина посебно одделение во Министерството ќе работи исклучиво на прибирање и обработка на податоците и на остварувањето на правото на субвенциониран студентски оброк.

Ќе се дефинираат и носителите на платен промет, односно банките со кои МОН ќе склучи нефинансиски договор за обезбедување соодветен број картички за користење на субвенциониран студентски оброк и нивна персонализација. Сметките на студентите би се воделе без надомест, додека провизијата за трансакциите ќе ја плаќаат трговците.

Како даватели на услуги, пак, ќе бидат одредени исклучиво правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна и се регистрирани во мрежата за трговци со соодветен код и истите ќе бидат евидентирани во регистар кој ќе го води МОН, а ќе биде јавно објавен на интернет-страницата на Министерството и ќе се ажурира на месечно ниво.

Шаќири рече дека очекува конструктивни предлози од студентите до утврдување на најдобрата верзија на законот.

Министерот додаде дека токму денеска се реализира исплатата на средства за субвенциониран студентски оброк на сите студенти кои аплицирале и ги исполниле критериумите, согласно законското решение. Студентите ќе добијат средства за месеците октомври и ноември, како и за половина од септември.