Студентите го демантираат демантот на Националната опера и балет

Иако НОБ тврди дека попустот од 50 отсто за студентите не бил укинат, се чини дека реалноста на теренот до вчера го зборува спротивното. Според изјави од повеќе студенти, билетарницата на оваа установа на повеќе наврати одбила да им го одобри овој попуст, со образложение дека е укинат. Во истото се увери и новинарот на Мета.мк, кој на два наврати се јави на билетарницата на установата. Ова ја доведува во прашање вистинитоста на нивниот демант и ја отвора дилемата: дали институцијата се обидува да ја затскрие вистината или станува збор за недоразбирање меѓу управата и вработените

-

Националната опера и балет (НОБ) со официјален демант се обидува да ги неутрализира негативните ефекти од веста дека студентите биле спречени да користат попусти при купување билети за тамошните претстави, иако сведоштвата на десетици студенти велат поинаку.

Мета.мк вчера, повикувајќи се на изјави на повеќе студенти кои се обратија до нашата редакција, објави дека оваа национална установа го укинала попустот од 50 отсто на влезниците за студентите кои сакаат да ги проследат изведбите во НОБ. Овој чекор се коси со Меморандумот што Министерството за култура го потпиша минатата година со Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), а според кој, студентите имаат право на попуст во сите национални установи од областа на културата.

Иако новинарите на Мета.мк испратија прашања до Националната опера и балет пред да биде објавен написот, и по повеќе часови чекање одговор од нив не стигна. Наместо тоа, од НОБ утрово испратија демант до сите медиуми во кој вели дека информациите објавени на Мета.мк биле „неточни и неосновани“.

Во краткиот демант од оваа установа тврдат дека ги почитуваат обврските од Меморандумот помеѓу Министерството за култура и УСС УКИМ.

„Националната опера и балет останува целосно посветена на исполнување на обврските утврдени со Меморандумот за соработка, потпишан помеѓу Министерството за култура и Унијата на студентите на УКИМ (УСС УКИМ). Како што е наведено во овој меморандум, а во согласност со одлуката на Управниот одбор на НУ Национална опера и балет од 14.02.2024, студентите имаат право на попуст од 50% на влезниците. При купувањето на билети, потребно е да се приложи индекс (во физичка или електронска форма) за идентификација“, се вели во демантот што НОБ го испрати до Мета.мк.

Понатаму, од НОБ тврдат дека „попустот останува во сила“, односно велат дека истиот не бил укинат и дека студентите и понатаму ќе ја имаат оваа погодност.

„Важно е да се нагласи дека попустот не е укинат и студентите ќе продолжат да ја искористуваат оваа погодност. Политиката на НОБ во однос на попустите за студентите останува непроменета, а институцијата ќе продолжи да ги исполува своите обврски во рамките на постоечките договори и Меморандумот за соработка“, се вели во демантот на Националната опера и балет.

 

Студентите тврдат дека попустите им биле оневозможени, Националната опера и балет сокрива коментари на социјалните мрежи

Иако НОБ тврди дека попустот од 50 отсто за студентите не бил укинат, се чини дека реалноста на теренот до вчера го зборува спротивното. Според изјави од повеќе студенти со кои контактираше Мета.мк, билетарницата на оваа установа на повеќе наврати одбила да им го одобри овој попуст со образложение дека истиот е укинат.

„Вчера прашав за попуст на опера и рекоа дека нема веќе попуст за студентите. Цело време минатата година одев на опера и балет со карти на 50% попуст со индекс. Сега првпат слушам дека нема попуст“, рече студент во изјава за Мета.мк пренесена вчера.

Според друг студент, ваквата поволност била укината уште од октомври минатата година.

„Во Македонска опера и балет е укинат попустот од октомври наваму. А имаше 50 отсто попуст дотогаш“, вели друг студент.

Во обид да ги потврди изјавите на студентите, новинар на Мета.мк во изминативе денови во два наврата се јави на билетарницата на Националната опера и балет, со прашање дали студентите имаат право на попуст на изведбите во установата. И во двата случаи, од билетарницата на НОБ јасно и недвосмислено ни беше соопштено дека попустите се укинати и повеќе не важат.

По вчерашната објава, уште десетина студенти за Мета.мк потврдија дека во Националната опера и балет во изминативе неколку месеци не можеле да купат билети со попуст затоа што истиот бил укинат.

Покрај ова, на официјалните социјални мрежи на НОБ каде беше објавен демантот, бројни коментари од студенти кои сведочат за одбивањето на попустот, денеска мистериозно исчезнаа па потоа повторно се појавија.

Новинската агенција Мета.мк ги документираше коментарите на студентите пред истите да исчезнат од објавата на Националната опера и балет на Инстаграм. Откако бројот на коментари од студентите значително се зголеми, установата повторно ги дозволи скриените коментари преку опцијата „unhide“ на Инстаграм.

Коментари под објавениот демант на Инстаграм профилот на Националната опера и балет

Еден коментар на Фејсбук, пак, целосно е избришан.

Коментари под објавениот демант на Фејсбук профилот на Националната опера и балет

Нејасно е зошто НОБ би се обидувала да ги избрише коментарите на студентите доколку навистина го почитувала Меморандумот за соработка со Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Без разлика дали станува збор за институционално негирање на реалноста или едноставно резултат на лоша комуникација меѓу управата и вработените, факт е дека на студентите најмалку во изминативе два месеца не им бил овозможуван попустот од 50 отсто на влезниците во Националната опера и балет.

Оваа национална установа сега го овозможува студентскиот попуст.

Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска им порача да работат во Македонија

Денес беше промовирана новата генерација дипломци и постдипломци на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). На церемонијата, министерката за...

Пукање во Сплит, убиен разбојник кој се обидел да ограби банка

Обид за грабеж во банка се случил денес околу 12 часот на улицата „Гундулиќева“ во хрватскиот град Сплит, јави Слободна Далмација, а пренесоа повеќе регионални медиуми. Според првичните информации, две полицајки минувале...

Водите на Крива Река полни со олово и цијанид, градоначалникот Митовски бара кривична одговорност

Водата во Крива Река има десет пати поголема концентрација на олово и стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор, информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тој најави дека ќе...

Српските студенти на медицина бараат одговорност и оставки поради посетата на Вучиќ на пациенти од Кочани

Студентите на Медицинскиот факултет во белград, побараа да се покрене постапка против одговорните во Ургентниот центар, откако на 17 март без заштитна опрема, во едницата за интензивна нега биле примени претседателот...

Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска им порача да работат во Македонија

Денес беше промовирана новата генерација дипломци и постдипломци на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). На церемонијата,...