Студентите денеска прогласија автономија и го„ ослободија“ универзитетот, кој ќе биде под студентска контрола. Тие ја побараа уставно загарантираната автономија така што и ќе спијат на универзитетот и ќе држат алтернативни предавања.

– Нашите барања и нашите аргументи беа игорнорирани, студентите беа етикетирани и заокружувани, министерот за образование бегаше од дебата со нас, беше формиран контрапрофесорски пленум кој тврдеше дека законот е добар и, како врв на срамот, Законот за високото образование беше изласан во три часот по полноќ. Сега, наеднаш, по сето ова, Владата реши да го одложи законот. Меѓутоа, ако Владата мислеше дека со ова ќе го спречи гласот на студентите, се излажала. Ние нема да правиме компромис со автономијата – вели Ана Кнежевиќ од „Студентски пленум“.

Студентите бараат целиот пакет измени на Законот за високо образование да се одложи до 2018 година, да се подготви нов закон и да се потпише спогодба помеѓу ректоратот и Министерството за образование, во која ќе пишува дека рамноправно во креирањето на новиот закон ќе учествуваат и студентите од „Студентски пленум“ и професорите од „Професорски пленум“.

– Бараме работните групи да се формираат веднаш, а не само да се одложи законот и да се заборави на сето ова. Ние ќе бидеме тука сè додека овие барања не бидат одоборени. Ние денеска прогласуваме автономна зона и ги повикуваме сите студенти да дојдат во ослободувањето на универзитеот – вели Кнежевиќ.

Студентите во холот на Филозофски факултет ја испеаја химната „Vivat Akademia! Vivat Profesores!“. Потоа се упатија кон Правен и кон Економски факултет, извикувајќи „Нема да им помине“, „Студенти независни и силни“ и „Автономија“ за да ги повикаат студентите од тие факултети да им се приклучат во окупацијата.

Поддршка на студентите им дадоа и нивните професори, кои велат дека се привилегираани што се дел од еден од најголемите историски настани во Македонија.

– Сите зборуваме за слободата, но никој не го направи тоа како студентите. Студентите ја извојуваа слободата на универзитетите. Ја извојуваа за сите нас додека ние чекавме, додека ние ги критикувавме, додека им наоѓавме мани затоа што не ги исполнуваат нашите очекувања. Моите очекувања се исполнети. Мислам дека од денеска почнува нова иднина за Македонија. Јас сум горда што сум професорка на овие студенти – вели Синоличка Трпкова, професорка на Факултетот за драмски уметности.