Студенти од Конго, Грција и Франција учат македонски јазик во Париз

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Студенти запишани на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО во Париз, а кои се од Конго, Грција, Албанија, Франција, учат македонски јазик. При денешната посета на претседателот Стево Пендаровски на овој институт, тој се сретна со Жан-Франсоа Хуше, претседател на ИНАЛКО, како и со ЈФроса Пејоска-Бушеро, шеф на катедрата за македонски студии при ИНАЛКО и лекторот Ѓоко Здравески.

„Соговорниците разменија мислења за иднината и позицијата од научна и стратешка перспектива на малите јазици, каде што спаѓа и македонскиот јазик и разговараа за пристапот на ИНАЛКО кој овозможува збогатена академска и културна размена и соработка меѓу Северна Македонија и Франција“, наведено е во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Претседателот се информирал за работата на првата катедра по македонистика основана надвор од Македонија, како и за големиот јубилеј – половина век од отворањето на Лекторатот по македонски јазик и иницијативите за продлабочување на соработката и вложување во развојот на македонистиката во Франција.

„Професорите информираа за непрекинатата педесетгодишна работа на Лекторатот по македонски јазик, за соработката со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и за зголемениот интерес за македонистиката на ИНАЛКО. За време на посетата на ИНАЛКО, претседателот Пендаровски се сретна и со професори, слависти, македонисти и студенти, кои ги споделија нивните впечатоци и искуства“, стои во соопштението.

Ова е прв пат македонски претседател да го посети овој институт, што спроведува истражувачки проекти во повеќе од сто земји и остварува заедничка обука со странски универзитети и е референтен институт за обука и истражување на денешните јазици и цивилизации.