Студенти од ФЕИТ креираа алатка „Говорко“ за полесна комуникација на децата со попречен говор

Фото: Здружение „Отворете ги прозорците“

Неколку студенти од Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во соработка со експертите од Здружението „Отворете ги прозорците“ и Здружение за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“ ја креираа алатката „Говорко“ кој ќе им помогне на децата со пречки во комуникацијата полесно да ги изразат своите мисли, потреби и чувства. Алатката функционира на принцип со веќе снимени говорни пораки за чиј говор може да се одбере опцијата машки или женски глас. Пред корисниците се појавуваат полиња со категории и во секоја од нив се наоѓа множество од зборови и слики. Со притиснување на одредена категорија се слуша снимениот говор.

„Се започна во 2019 година, кога Ѓорѓи Смилевски прв почна да работи на овој проект и ја изработи првата верзија на апликацијата. Потоа јас и колешката Марија го надоградивме комуникаторот и очекуваме дека неговото надоградување нема да застане овде. Целта беше да се создаде нешто ново што ќе придонесе за интеграција на лицата со попреченост во општеството“ изјави Валерија Младеновиќ, една од студентките која е креатор на алатката.

„Говорко“ во моментов е достапен на македонски јазик и тоа за корисниците на андроид системите, но креаторите не ја исклучуваат можноста алатката да стане достапна и на други јазици, како и за корисниците на Apple уреди.

Апликацијата може да ја користат лицата со аутистичен спектар, лицата со интелектуална попреченост, оние со церебрална парализа, како и лицата кои имаат разни говорни тешкотии кои настанале при повреди кај мозокот итн.

Свое излагање на прес-конференцијата имаше и професорот од ФЕИТ, Бранислав Геразов кој истакна дека ова е втора верзија на системот и на неговиот развој досега работеле четворица студенти од Институтот за електроника, во склоп на нивните проектни задачи по предметите дигитално процесирање на аудио и биомедицинска електроника, коишто тој ги предава. Професорот истакна дека студентите веќе имаат направено научен труд кој е прифатен за презентација и истиот веќе идната недела ќе биде презентиран на конференција во Белград.

„Во Македонија досега не постоеше пристапен комуникатор на македонски јазик. Како едукатор можам да кажам дека комуникацијата на мајчиниот јазик со овие лица е од клучно знаење. Недостатокот на ваков комуникатор претставува огромна тешкотија,“ посочи Марија Велиновска, од Здружението „Отворете ги прозорците“.

Како што појасни таа во „Отворете ги прозорците“ досега користеле говорни табли, односно асистивни скапи уреди кои ги нема на нашиот пазар, што е дополнителен товар за едно семејство да ги набави.

Искуството со овој тип на табли им овозможило да дадат придонес кон креирање на еден пристапен комуникатор. Од Здружението дале насоки за тоа каков тип на слики да се користат во алатката, како и прилагодување на големината на прозорчињата, насоки за користење на бои и контрасти во зависност од индивидуалните способности на корисникот и каква попреченост има тој.

Маја Трајчова од Здружение за рана стимулација, развој и игра кај деца Креатива Исток, потенцираше дека кога се работи со лица со попреченост, комуникацијата е основна алатка за работа, но најчесто во пракса тоа е алатката што недостига.

„Ние имавме можност и чест да ја тестираме оваа алатка за комуникација со вкупно 30 деца коишто имаа одредена развојна потешкотија, односно потешкотии во комуникацијата. Децата со коишто ние ја тестираме апликацијата беа деца со многу оскуден говор. Она што го забележавме е дека повеќето од нив позитивно реагираа на апликацијата „Говорко“ и имаа интеракција со неа. Кај поголемите деца се забележа вистинска употреба на апликацијата и изразување на мислите. Во групата кај помалите деца апликацијата беше одлична алатка за осознавање и именување на поимите од секојдневниот живот,“ изјави Трајчова.

Таа изрази задоволство и радост за креирањето на ваков тип алатка, бидејќи како што посочи, освен што на практичарите ќе им ја олесни соработката со лицата со попреченост, воедно таа ќе им го олесни секојдневното функционирање токму на овие лица, со цел полесно изразување на своите мисли, потреби и чувства.

„Ваквите проекти се знак за растење на општеството и достигнување на едно ниво коешто сите сакаме да го постигнеме“ заклучи Тони Бочварски, претседател на Здружението „Отворете ги прозорците“.