Студенти на УКИМ преку кратки едукативни видеа ќе им помагаат на учениците при совладување на наставната материја

Фото: Колаж, принтскринови од видеата

Студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со иницијативата „Cognitionis“ што ја спроведуваат преку Универзитетско студентско собрание, во поддршка на Агенцијата за млади и спорт и асоцијацијата „Младите Можат“ ќе снимаат кратки и интерактивни видеа со цел да им помогнат на учениците од средно и основно училиште полесно и на поинтересен начин да ја совладаат наставната материја.

Станува збор за едукативни видеа наменети за ученици, а и за студенти што би оделе во прилог на популарниот дополнителен модул на учење кој го користат љубопитните ученици во земјава и светот, преку Јутјуб видеа на странски канали да се замени со домашни видеа на македонски јазик.

„Математика, физика, хемија, англиски, екологија и заштита на животната средина, психолошка самопомош, меки вештини и компјутерски науки се областите кои сметавме дека се најважни и најпотребни за почеток да ги опфатиме, и се надеваме ќе бидат од голема помош!“, велат од Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Досега се снимени, обработени и објавени пет видеа во кои студенти предаваат теми од наведените области достапни на Јутјуб каналот Cognitionis.

„Ги повикуваме сите студенти кои сакаат да допридонесат во развивањето на нашиот канал, да ни се придружат и заедно да чекориме кон позитивна промена во општеството. Сакаме овој проект да продолжи во иднина и да снимиме уште многу вакви видеа на уште многу теми и области и да си помагаме меѓу себе!“, повикуваат од организацијата.