Седум интердисциплинарни тимови на студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) изработија мобилни апликации и иновативни проекти во рамките на програмата „Innovation in Smart Anything Everywhere INNO SAE“. Во присуство на претседателот Стево Пендаровски и на деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Димитар Ташковски, студентите денес ги презентираа изработените трудови.

Апликацијата Place to GO овозможува брз и ефикасен преглед на локации од интерес за корисникот со можност за резервации на маси. Потоа, SMART-ORDERS е апликација за олеснување на ресторанско работење со генерирање уникатни QR кодови за нарачување од страна на корисниците. Третиот тим на студенти го изработи Smart Extractor – комплетно автоматизирано решение за екстракција на етерични масла чија функција се базира на дестилација под водена пареа.

Апликацијата SMMEF е ефикасно и евтино сензорско решение за набљудување на протокот на вода во домот кое може да се интегрира во комплетно IoT решение за паметен дом. Петтиот тим на студенти на УКИМ ја изработи e-TT – веб базирана платформа која нуди лесна и едноставна комуникација на клиентите со стручни психолози, коишто ќе можат да им обезбедат психолошко онлајн советување.

A.D.A е IoT решение за набљудување на амбиентални параметри кај лозови насади кое може да го олесни одгледувањето на квалитетно грозје заради поддршка на процесот на производство на квалитетно вино. И на крајот, MacSign е систем за двонасочна комуникација кој овозможува конверзија на македонски текст во македонски знаковен јазик и обратно.

Во изработката на иновативните решенија учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Архитектонскиот факултет, Економскиот факултет, Фармацевтскиот факултет, Филозофскиот факултет и Факултетот за земјоделски науки и храна.

Студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019) е иницијатива на ИНОФЕИТ за демонстрација на иновативниот капацитет на студентите на УКИМ.