Студенти на курс по програмирање изработија бесплатна веб апликација за Ковид-19

Нова бесплатна веб апликација за следење на податоци за Ковид-19 од Македонија и светот е изработена од студенти по програмирање од Full-Stack.NET групите на Code Academy. Апликацијата „Корона Инфо“ им овозможува на граѓаните да се информираат околу најновите податоци во вистинско време за вирусот, бројот на случаеви, моменталниот полициски час, како и најновите објави од Владата.

Покрај за податоци од земјава, оваа веб апликација нуди податоци за бројот на вкупно и ново регистрирани случаи со Ковид-19 во другите земји од светот.

„Корона инфо“ е резултат на три недели самоиницијативна работа на студентите, под менторство на Кире Коцев, Тони Накевски и Јоргос Ламбринидис, кои одлучиле да ги имплементираат своите ново стекнати вештини за ваков тип на значаен општествен проект за јавна употреба. Тимот на Марко Анастасов, Кристијан Бојков и Јордан Мојсов ја изработил конечната верзија која е пуштена во употреба, информираат од Code Academy.

– Идејата беше студентите да ги извежбаат нивните нови вештини кои ги стекнале во текот на Академијата. Иако ние ги менториравме во текот на проектот, целиот процес го правеа самите студенти, од пишување на првата линија код до прикачување на проектот на сервер – посочи еден од менторите Кире Коцев.