Македонската екипа од Факултетот за електротехника и информациски технологии, повторно, освои прво екипно место на меѓународниот натпревар по „Лабвју“ (LabVIEW). Македонската екипа ја сочинуваа студентите Петар Видоевски, Андреј Грунески и менторите Живко Коколански и Бодан Велковски.

Студентот Петар Видоевски, исто така, го освои и второ поединечно место на овој натпревар.

Деветтиот балкански натпревар по виртуелна инструментација во „LabVIEW“ се одржа на 27 октомври 2019 година во Белград, каде учествуваа 22 студенти од LabVIEW академиите на десет Универзитети од различни држави од Балканот и пошироко. Домаќин на овогодинешниот натпревар беше Електротехничкиот факултет од Белград.

„Во последните пет години, ова е прво место по трет пат во екипна конкуренција и повеќе високи индивидуални пласмани. Успесите не се само на овој натпревар, студентската екипа на ФЕИТ го искористи здобиеното знаење од „LabVIEW“ академијата за изработка на софтверска симулација за енергетска ефикасност во „LabVIEW“ со која го освои првото место на интернационалниот инженерски натпревар „ICAMES 2018“ во Истанбул. Како професори од ФЕИТ имаме привилегија да работиме со одлични студенти кои докажуваат дека можат да се носат со најдобрите“, изјави професор Живко Коколански.

За добитникот на второто поединечно место Петар Видоевски, подготовката за натпреварот, драстично, го зголемило неговото знаење за „LabVIEW“.

За деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, освоените места се само потврда за квалитетот на Академијата „LabVIEW“ на Факултетот.

Во 2014 година Факултетот за електротехника и информациски технологии за првпат ја имплементираше програмата „Laboratory Virtual Instrument Engineering Workbench (LabVIEW) академија” и со тоа стана првата научно-образовна институција во земјава која е лиценцирана за обука на студенти за работа со развојната програмска платформа „LabVIEW“.