Изворот „Студенчица“ од којшто се снабдуваат со вода општините Кичево, Пласница, Македонски Брод, Долнени, Крушево, Кривогаштани, Прилеп и ТЕЦ „Осломеј“, бележи негативни рекорди по својата дарежливост. Според информациите, издашноста паѓа и до 470 литри во секунда, што не е забележана во изминатите три децении, откако е ставен во функција и изграден овој регионален водоводен систем.

За Прилеп од овие количества доаѓаат просечно од 80 до 110 литри вода, коишто не се ниту третина од потребите на граѓаните во текот на викендите. Екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ се постојано на терен, работат на отстранување на дефектите, и нивелирање на количествата вода во двете градски зони, ниска и висока, за да се обезбеди колку што е можно понепречено водоснабдување во сите делови од градот. Според директорот на ова јавно претпријатие, Емил Јанески, состојбата со водоснабдувањето во Прилеп е сериозна.

– Работиме интензивно, нон-стоп, најмногу се чини во недела, кога и потребите на граѓаните се најголеми. Освен количествата од „Студенчица“ во мрежата секојдневно се носат дополнителни количества вода. Од бунарските постројки околу 130 литри, а 25 литри вода во секунда од сопствени извори. Градот е поделен на две зони: ниска и висока. Централното градско подрачје и месните заедници околу, ја сочинуваат ниската зона. За нивно водоснабдување се користи вода од старите градски извори и од бунарските постројки, што се користеле секогаш, а имаме можност преку ноќ, во резервоарите да складираме максимум до 8.070 м3 вода. Па, текот на денот, во зависност од потребите, да се испорачаат до домаќинствата овие, заедно со количествата вода што доаѓаат од „Студенчица“ – вели директорот Јанески.

Тој додава дека проблем се појавува во високите зони, и тоа во населбите: „Варош“, горниот дел на „Точила“, „Тризла“ и „Рид“. Водата од „Студенчица“ во оваа зона е единствена можност за водоснабдување.

– Кога има потреба да се трошат 160 – 170 л/с, а од „Студенчица“ доаѓаат едвај  80 литри вода во секунда, цевките се полупразни. За прв пат годинава најдовме начин, преку нашиот цевковод да однесеме вода од Точила, Козле, Варош до стариот варошки резервоар. Пуштивме во употреба препумпна станица во резервоарот, и така ја импутираме водата директно до високите зони. Така што и во вака неповолни хидролошки услови, секое домаќинство сепак има вода – акцентира Јанески.

Надминати се проблемите во населбата „Под кули“, каде што повторно е воспоставен воден режим и не се очекуваат проблеми следните неколку денови, без оглед што издашноста на „Студенчица“ е исклучително ниска.

И покрај реакциите на граѓаните дека често од цевките тече жолта, валкана и нечиста вода, од „Водовод и канализација“ истакнуваат дека резултатите од анализите на Центарот за јавно здравје покажуваат дека водата и хемиски и бактериолошки е исправна за пиење.