fbpx

Струмичките екологисти контра Макрадули: Не веруваме во стандардите за кои зборувате за Иловица

-

За какво почитување на закони, светски пракси и техники зборувате господине Макрадули кога зборувате за рудникот Иловица-Штука, кога токму за овој рудник државата досега прекршила неколку закони, промашени и истечени се сите законски рокови веќе со години, го прашуваат струмичките екологисти заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, по повод изјавата што тој ја даде на „Радио Слободна Европа“.

Тој во изјавата вели дека во случајот со рудникот Иловица е важно, дали процесот е или не е согласно стандардите, дали тој ги користи најдобрите светски пракси и техники онака како што е секаде. Во оваа изјава струмичани гледаат своевидна најава за отворање на рудникот Иловица.

Според нив, документите и студиите на концесионерот на рудникот не се комплетни ниту денес и воедно се конфликтни и делумно невистинити

„Одговорете им на жителите на Струмица и струмичко која е таа пракса што ќе ги заштити во случај на хаварија на браната од хидројаловиштето на рудникот Иловица, која треба да биде највисока во светот, над нивните глави?“, се вели во отвореното писмо до Макрадули на еколошкото здружение „Здрава котлина“.

Макрадули го спомна неодамна донесениот Закон за минерални суровини според кој не е дозволена употреба на цијанид и сулфурна киселина во рудниците кои допрва ќе се отворат.

Токму ветувањето на заменик-министерот Макрадули дека се ќе се прави според закон и ги загрижува екологистите, кои потсетуваат дека, според јавно достапните информации за тоа како рудникот Иловица треба да функционира откако ќе биде отворен, тој енормно ќе ја загадува животната средина и без употреба на цијанидот и сулфурната киселина во производниот процес.

„Погледнете го само рудникот Бучим кој е најголемиот поединечен загадувач од групата 16 еколошки жешки точки во државата. Според студии Бучим годишно емитира вкупно 10 илјади тони прашина со тешки метали во околината и загадува повеќе отколку заедно РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“, „Фени“, „Усје“ и останати индуструски капацитети. За какви тоа стандарди и пракси зборува Макрадули кога ова се случува со години?“, прашува Ѓорѓи Танушев, еден од активистите на кој концесионерот на Иловица, „Еуромакс Рисорсис“ му се закани со тужба поради јавно искажаните критики.

Тој додаде дека доволно е Макрадули сам да прошета во селото Тополница во Радовишко и да види обичен народ што при секој посилен дожд го напушта селото за да не попушти браната, деца хроночно болни со разни болештини, жолтици и слично.

„Немаат вода за пиење и се молат да бидат иселени од таму, но никој не ги слуша. Државата е глува кога во прашање е крупен бизнис“, вели Танушев.

Од „Здрава котлина“ порачаа дека повеќе не веруваат на ниту еден политичар, функционер, партија, експерт.

„Рудници во Југоистокот со или без цијанид едноставно нема да има по ниту една цена“, велат од таму, воедно порачувајќи им на „оние што дале и примиле големи пари за мито и корупција да си ги решаваат сметките меѓу себе и да сркаат што дробеле“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...