фото. мин за кулутура

Општината Струмица оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култура. На Конкурсот беа пријавени општините Струмица, Тетово, Кавадарци, Велес и Дебар.

Стручната комисија од ова министерство оцени дека сите пријави имаат солидно конципирана програмска содржина и внимателно дефиниран буџет и предложи, со богатата и разновидна програма и со буџетот проектиран со висок процент на самофинансирање, Струмица да биде годинашен организатор на оваа значајна манифестација, соопштуваат од Министерството за култура.

Министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, потпишаа договор за финансирање на манифестацијата „Град на културата“.

Како особено важен сегмент во изборот на општина Струмица беше посочен и фактот што од вкупниот предвиден буџетот за реализација на програмата во висина од 15,1 милион денари, од Министерството за култура се побарани само 2,9 милиона денари или 19,6 отсто од вкупниот буџет. Од општината ќе бидат покриени другите финаниски средства во висина од 80,4 отсто со што, во споредба со преостанатите поднесени пријави, Струмица ќе учествува со најголем процент со сопствени средства за реализација на програмата.

Министерката Стефоска посочи дека да се биде носител на манифестацијата „Град на културата“ е навистина голема привилегија но, и одговорност. Таа изрази задоволство што сите пристигнати апликации покажале сериозна посветеност во изработката на програмите, но и одговорност и реални проценки во буџетските барања за финсирање на проектите. Планираните активности ќе се реализираат според Протоколите за работа во услови на ковид-19.

Манифестацијата „Град на културата“ иницирана од Министерството за култура, започна да се реализира во 2004 година и од тогаш континуирано општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на бројни јавни настани.