fbpx

Струјата нема да поскапи во земјава, но РЕК „Битола“ ќе го зголеми производството и ќе се увезува јаглен

-

Нема причина за паника меѓу македонските граѓани во однос на цената на електричната енергија за претстојните месеци, смируваат од Регулаторната комисија за енергетика и Електрани на Северна Македонија. На европско ниво, цената на струјата на холандската берза се искачила од 16 евра за мегават час во јануари до 98 евра за мегават час на крајот од септември, јавува Политико.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски вели дека актуелната цена на електричната енергија во земјава ќе остане на сила најмалку до декември годинава.

„Граѓаните треба да бидат мирни зашто АД ЕСМ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија за Универзалниот снабдувач по цена од 36 евра за мегават час“, изјави Бислимоски.

Цената на електричната енергија во земјава се утврдува во јуни и истата важи барем до крајот на декември, по што се распишува нов оглас за набавка на струја за потребите на регулираниот пазар, на која АД ЕСМ доставува своја понуда.

Токму од АД Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) денеска објаснуваат дека будно ги следат движењата на пазарот на електрична енергија во меѓународни рамки.

„Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, ние имаме стабилно производство и ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните“, вели директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Сепак, тој додава дека за да се обезбеди стабилен електро-енергетски систем потребно е да се произведе дополнително количество електрична енергија, за што ќе биде потребен дополнителен ископ на јаглен од РЕК „Битола“, како и набавка на јаглен на меѓународен јавен повик. Од државната компанија велат дека дополнителните количини на струја ќе го задоволат електро-енергетскиот систем на земјава, додека вишоците ќе се продаваат на слободниот пазар и ќе се оствари приход.

„АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира
дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што во
текот на утрешниот ден ќе биде објавен меѓународен јавен повик за набавка на
јаглен за работа на еден блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на
РЕК Осломеј“, појаснува Ковачевски.

За разлика од ветувањето дека нема да има поскапувања на струјата кај домаќинствата, стопанствениците веќе го креваат алармот. Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески во обраќањето до стопанствениците информираше дека со владата е договорен интервентен увоз на 2 милиони тони високо квалитетен јаглен и тој повик ќе биде јавно објавен денеска.

„Стопанската комора на Северна Македонија има обврска да ги анимира своите членки да се вклучат во оваа активност под условите објавени во огласот со гарантирано плаќање со рок од 30 дена“, информираше тој.

Инаку, поскапувања на производите веќе најавија од прехранбениот сектор, коишто вчера предупредија дека суровините во изминатава година поскапеле до 40 отсто, без притоа да се додаде новата цена на енергенсите, информираат вчера од Стопанската комора.

Претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо Гоце Трајчев на вчерашната прес-конференција рече дека проблематично е однесувањето на некои добавувачи на електрична енергија во последните денови, кои ги раскинуваат договорите со бизнис секторот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...