Фото: Nikola Mirkovic на Unsplash

Досегашните износи на сметките за струја на домаќинствата ќе останат речиси исти. Од побараното зголемување за 50 денари на сметка од 1.000 денари, од страна на сите енергетски компании што ги регулира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, РКЕ, регулаторите одобриле само 6 денари покачување. Врз непроменетата цена на струјата најмногу има влијание одлуката на Владата за намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто кое важи од 1 јули.

„Сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети. РКЕ донесе одлука со која сметките на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, незначително ќе се намалат, со примена на измените на Законот за додадена вредност, со кои ДДВ за електрична енергија ќе се намали од 18 отсто на 5 отсто. Регулаторите одобрија регулиран максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетската дејност, снабдување со електрична енергија на потрошувачите од ЕВН Хоум ДОО Скопје“, изјави на денешната прес конференција, Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, кој додаде дека, евтината тарифа останува на сила во дневните и во ноќни интервали, како и досега.

Со донесената одлука на РКЕ, се гарантира сигурност и стабилност во испораката на електрична енергија, потсети Бислимоски, и рече дека на одредени елементи во крајната цена на струјата, РКЕ нема влијание, а тоа се: увозот на струјата, кој во првите шест месеци изнесуваше 32 милиона евра, маржата на ЕВН Хоум, трошокот за обновливи извори, кој е зголемен за 1,5 милиони евра и цената на ЕСМ, која во просек во однос на минатата година е зголемена за 2,5 отсто.

„Намалувањето на ДДВ-то е добро решение, но неопходeн е системски одговор, да се прошири опфатот на ранливите категории граѓани, кои ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија“, изјави Бислимоски.

Според доставените барања до РКЕ за корекција на цената на струјата, МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 143 отсто, Националниот енергетски маркет оператор (НЕМО) за организирање и управување на пазарот на електрична енергија, зголемување од 45 отсто, а Електродистрибуција за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на струја. А, на тендерот за набавка на струја на ЕВН Хоум, ја одбра најповолната понуда од државната АД ЕСМ, со цена од 36,1 евро за мегават-час, за 2,7 отсто пониска од ланската.