Од почетокот на работата на ветерните електрани „Богданци“ во 2014 година, предвиденото производство на струја е надминато за 25 проценти, информираше генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, при посетата на ветерниот парк.
Според него, станува збор за најисплатливата инвестиција досега, при што се произведени 300 гигават-часови електрична енергија. Во него се произведува струја за околу 60.000 домаќинства или за три града, односно за Гевгелија, Богданци и за Дојран.
– Резултатите што се постигнати ги сметаме за извонредно добри и успешни и придонесуваат позитивно во тековната ликвидност на компанијата. Тоа ни дава надеж за реализација на втората фаза, но и за имплементација на слични проекти во околината на Богданци и на други територии во Македонија – изјави Мицкоски.
Првата фаза на овој проект се градеше од 2011 до 2014 година и беа инвестирани 55,5 милиони евра.
За втората фаза, во која е предвидено инсталирање на уште шест ветереници, потребна е инвестиција од 24 милиони евра од кои 18 милиони евра кредит, а другите од сопствени средства на ЕЛЕМ.
– Целата административна и логистичка поддршка за втората фаза е завршена. Обезбедено е финасирањето, но за реализација неопходно е задолжување за кое е потребна разврска на политичката ситуација – вели Мицкоски.
Просечната брзина на ветерот во ветерниот парк „Богданци“ е 7,1 метар во секунда и работи во 30 отсто од деновите во текот на една година, што е подобро од европскиот просек што се движи околу 25 отсто.