Стручното образование сè попривлечно за новите средношколци

Фото: СУГС „Марија Кири Склодовска“

Што да се избере, гимназија или стручно училиште? Ако до пред извесно време, мнозинството деветтоодделенци избираа да учат во гимназија наместо во стручно училиште, по четирите дена од првиот уписен рок, впечатокот е дека нештата полека се менуваат. Некои од стручните училишта го бележат најдобриот упис во последната декада, а некои гимназии пак, за прв пат по подолго време не ги пополнија сите слободни места во првиот уписен рок. Таков е случајот со гимназијата „Орце Николов“, каде што има место за уште дваесетина ученици.

На што се должи зголемениот интерес за стручно образование? Според искуството, за тоа е заслужно доброто менаџирање и ангажманот на самите професори, но резултати годинава дава и кампањата на Министерството за образование и наука (МОН) „Учи паметно, работи стручно“, со што е воведен концепт на дуално образование. На учениците им се нуди вработување по завршувањето на образованието, им се нудат стипендии и директна работа во компании, нешта кои ги прават струките попривлечни.

Александар Алексовски е професор по биологија во училиштето „Марија Кири Склодовска“. Тој бил дел од тимот професори кои работеле на тоа да привлечат што повеќе ученици. Трудот вродил со плод, па од 306 слободни места, во првиот рок се запишале 236, што е најдобар успех на училиштето во последната деценија. Во вториот уписен рок кој треба да започне за два дена, овде има место за уште 70 ученици.

– Си ја сфативме задачата доста сериозно, целиот тим и колектив. Си поставивме цели, се состанавме уште во февруари. За кусо време успеавме да влеземе во 70 основни училишта со онлајн презентација на Тимс, на класен час. Кога на децата убаво ќе им објасните што им нудите, се добива поинаква слика. На ученикот ништо не му значи ако му кажам што ќе учи. Но кога ќе го прашам, „А што потоа, каде ќе работиш, каде ќе одиш?“ И тука се застанува. Најмногу се задржував на тоа каде би можеле да работат. Тоа беше клучно. Сметам дека со убав план може да се постигне успех. Секој ден постиравме на Инстаграм, на Јутуб, на Фејсбук, со намера што повеќе да им доближиме на учениците што е она што кај нас се учи – вели Алексовски.

Во поголемиот дел од струките во државата, е воведен концептот на дуално образование, кој се спроведува во партнерство на училиштата со локални компании. Ова ќе значи дека ќе се оди повеќе на практична настава за учениците директно на работно место, а помалку ќе се учи теорија. Дуални паралелки има во „Димитар Влахов“. Директорката Лидија Андоновска вели дека е задоволна од годинашниот интерес.

– Најмногу ученици се запишаа во лични услуги – козметичка нега, фризер и естетичар за нега на раце и нозе. Помал интерес има за графичката струка. Вкупно запишавме околу 120 ученици во сите сектори. Лани, во три уписни рокови имавме 150 ученици, а сега само по првиот рок имаме 120 деца. Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ игра голема улога при изборот на идна професија. Секој ученик кој ќе се запише во дуална паралелка, добива стипендија од по 3.500 денари во времетраење од 9 месеци. Сметам дека уште во основното образование треба да има професионална ориентација бидејќи многу ученици не знаат каде понатаму, па потребно е да се следат нивните афинитети. За избор на училиште, сметам и дека родителите играат пресудна улога, а секако овде е и безбедната средина каде ученикот ќе оди – вели директорката Андоновска.

И Александар Сибиновски, директорот на „Владо Тасевски“ е задоволен од тоа како помина првиот уписен рок.

– Запишавме вкупно 203 ученици. Како средно стручно училиште кое нуди три образовни профили, морам да признаам дека најголем интерес и упис привлече Сообраќајната струка односно смерот за Транспорт и Шпедиција, каде што има само уште неколку слободни места. Сепак сметам дека бевме доста успешни и во останатите образовни профили Електотехника и Машинска. Нашата цел е да нудиме квалитетно образование во најмодерни услови и да не звучам нескромно но во вториот уписен рок очекувам дека и она што е слободно ќе биде пополнето – вели директорот.

Гимназијата „Панче Арсовски“ во Автокоманда годинава запиша вкупно 50 ученици. Специфичната местоположба е причината поради која интересот за ова училиште, секоја година се движи во овие рамки, смета директорот Јован Петрески.

– Вкупно 50 деца запишавме, а 170 примаме. Очекуваме да порасне овој број по вториот и третиот уписен рок. Досега, малиот број на ученици за среќа не довел до загрозување на работните места на професорите, немаме технолошки вишок. Сепак, поволна е ситуацијата бидејќи е многу полесно да се работи со дваесетина ученици во паралелка, така им се посветува поголемо внимание. Јас работам овде веќе 20 години, можам да кажам дека порано имавме големи паралелки, но подоцна, кога во стручните училишта се отворија гимназиски паралелки, почна кај нас бројот да се намалува. Ако ги прашате децата, ќе ви речат дека избираат други училишта затоа што сакаат да излезат од микросредината и да гравитираат кон Центар, затоа таму и се запишуваат – вели Петрески.