Обезбедување на квалитетен и стручен кадар за компаниите кои членуваат во Делегацијата на германското стопанство останува еден од најголемите предизвици и за следната година.

Според директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс, стручниот технички кадар им е потребен како на компаниите кои сакаат да го прошират производството така и на инвеститорите кои ја разгледуваат можноста да инвестираат.

Бидејќи тоа е пресудно за компаниите да останат во државата, Делегацијата на германското стопанство преку германското Министерство за економија и енергетика обезбеди двајца стручњаци кои го воведоа дуалното образование во пет града, а во кои се вклучени 10 компании. Тоа во иднина ќе се проширува.

Целта е, учениците од средните стручни училишта да се стекнат со потребната пракса, знаење и остручување со што би работиле во компаниите овде.

За компаниите исто така е важна довербата во системот, институциите, судството што се основа за раст на економијата.

Во однос на следната година, кога треба да се одржат и избори, Мартенс се надева дека ќе дојде до брзо формирање на Влада, бидејќи одолговлекувањето на тој процес го пролонгира потпишувањето на договорите со инвеститорите. Тој вели дека компаниите бараат да работат на раат.

Делегацијата на германското стопанство исто така бара и промена на одредени тарифни кодови при царинење, за што, како што вели Мартенс има слух од Владата и ќе следуваат и законски измени. Според него тоа ќе значи прилагодување на тарифите со оние на ЕУ, а инвеститорите ќе може тие средства да ги инвестираат и да се отвораат нови работни места