Стрипот „Хогар Страшниот“ прославува 50-годишен јубилеј

Насловни страници на југословенски списанија со Хогар Страшниот. Фото: Stripovi.com.

На 4 февруари 2023 година се навршија 50 години од првото објавување на хумористичниот стрип Хогар Страшниот, најпознато дело на американскиот автор Дик Браун, што своевремено бил прогласен за „најбрзо растечки стрип на светот“. Тој денес може да се најде во дури 56 земји.

„Хогар Страшниот е еден од ретките стрипови за кои имаат чуено и оние што немаат никаков интерес, ниту разбирање за стрипот како уметничка изразна форма. Се објавува во дневните весници низ целата планета и дел е од редовниот дневен ритуал на милиони луѓе. Дури и може да се вброи во оние новински рубрики што се читаат први, преку ред… Се работи за стрип заснован на гегови, којшто, за разлика од подолгите, за деветтата уметност почести и можеби повпечатливи форми на албуми или серијали, нема некој посебен лајтмотив, којшто во други ситуации е најчесто шаблонизиран, како, на пример, борба за правда на бестрашен херој – или – вечната пресметка помеѓу доброто и злото. Во „Хогар“ нема непобедливи непријатели коишто секогаш се враќаат посилни и поопасни, нема спасување на светот… Па за што тогаш се работи во него? Што останува? – Останува животот! Обичниот секојдневен живот. Убавината на моментот! Случки и дијалози кои ни се случуваат секојдневно, а често не ги забележуваме или не ги сметаме за посебни. Авторот тој секојдневен живот во рамки на модерното семејство, го вцрта во амбиентот на Средниот век и со тоа го насочи вниманието нна вонвременскиот карактер на меѓучовечките односи,“ укажува написот за Хогар на енциклопедискиот дел од Stripovi.com, највлијателниот регионален веб-сајт за стрипови.

Хогар Страшниот (Hägar the Horrible) е викиншки главатар, којшто кон својата професија на воин и морски разбојник, се однесува како мал стопанственик. Освен на патешествијата, голем дел од приказните се случуваат во неговиот дом во Норвешка, каде што доминира неговата сопруга Хелга.

Галеријата на ликови ја сочинуваат и нивните две деца, тинејџерката Хони и малиот син Хамлет, верниот и трапав помошник Среќниот Еди, повременото момче на Хони, трубадурот Лут, како и семејните галеничиња кучето Снерт и пајката Квак. Заедно со други Викинзи, роднини, скандинавски, англиски и француски благородници, Хуни и други средновековни ликови, тие претставуваат „персонификации на човечките маани и слабости, кои го прават овој стрип толку свеж и траен“.

Главните ликови од стрипот за Хогар Страшниот: Хогар, Хелга, Хамлет, Хони, Среќниот Еди, Лут, Снерт и Квак. Колаж: Stripovi.com, © King Features Syndicate.

При самото објавување, издавачот „Кинг Фичерс Синдикејт“ го има дистрибуирано „Хогар“ во 136 дневни весници во САД, за многу брзо да се прошири и низ целиот свет, постигнувајќи рекордна бројка од над 1.900 различни публикации, во коишто се појавува во вид на дневни стрипови од еден ремен, неделни стрипови од една страница, или неколку подолги форми во вид на стрип-албуми, објавени само на европскиот пазар.

На овој тренд многу брзо се приклучиле и издавачите од СФР Југославија, па така првата епизода на Хогар во „Политикин Забавник“ е објавена на 24 август 1973 година. Освен специјализирани списанија за стрип како „Стрипотека“, „Бисер стрип“ и „Супер Екс Алманах“.

Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на XX век, авантурите на најомилениот Викинг на светот беа објавувани и во низа дневни весници низ југословенската федерацијата, меѓу кои и на македонски јазик во скопскиот весник „Вечер“.

Фото: Мета.мк.
Фото: Мета.мк.

Денес, во Република Северна Македонија, стрипот за Хогар може да се прочита само во едно издание, на српски јазик во неделникот „Политикин Забавник“, кој се увезува од Србија. По повод јубилејот беше објавен и специјален додаток, со омажи на Хогар во форма на мини-постери, изработени од 15 цртачи на стрипови и илустратори од регионот.

И пред објавувањето на Хогар, творецот Дик Браун (1917-1989) имал успешна авторска кариера со стрипот „Хај и Луис“ којшто го цртал по сценарио на Морт Вокер, кај нас познат како автор на стрипот „Војникот Били“ кој излегуваше во „Стрипотека“.

Во осумдесеттите години Браун го губел видот поради глауком и постепено го препуштал цртањето на стриповите на своите синови и други соработници. Додека била жива неговата сопруга Лоис, целото семејство учествувало во правењето на стриповите со Хогар, дискутирајќи за сценаријата или избирајќи кои готови ремени да одат во печат. Лоис починала во 1985 година, а Дик во 1988 година се разболел од рак и се повлекол од цртањето.

Авторот на Хогар починал во 1989 година, а неговото дело го продолжуваат двата сина. Крис Браун, роден 1952 година, го црта Хогар до денешен ден, додека Ченс Браун, роден 1948 година, ја продолжува работата на „Хај и Лоис“, заедно со синовите на Морт Вокер.

Промотивното јубилејно лого на Хогар Страшниот објавено од Кинг Фичерс Синдикејт по повод 50-годишнината на стрипот. © King Features Syndicate.

Во периодот од 4 до 12 февруари, семејството Браун и издавачот Кинг Фичрс Синдикејт ја одбележуваат 50-годишнината со реобјавување класични епизоди, при што во недела во весниците кои ја преземаат дневната верзија на Хогар за прв пат по половина век ќе биде реобјавен најпрвиот каиш од 1973 година.