Стрипот „Алан Форд“ не запира со нови изданија, се бараат и нови цртачи

Несудената последна епизода  беше предмет на коментари на италијанските фанови, меѓу кои и влогот „Остров од хартија“ (Isola di Carta) кој ја опишува приказната како надреална, укажувајќи дека ликот на Путифаре е карикатура на рускиот претседател Владимир Путин

Снимка на екранот од видеото на влогот „Isola di Carta“ со рецензија на бројот 660 на стрипот „Алан Форд“.

Наспроти минатогодишната најава дека стрипот „Алан Форд“ ќе престане да излегува заклучно со овој мај, издавачот и автор Макс Бункер се попишмани и еден од најдолговечните италијански серијали продолжува со исто, месечно темпо.

Во Италија пред некој ден излезе епизодата број 660, насловена „Планот на Путифаре“ (Il Piano di Putifarre), а во него како и обично има најава за наредниот број „Скок во минатото“ (Un Tuffo nel Passato), чија објава е закажана за 26 јуни.

Агенцијата Мета.мк од свои извори од италијанската стрип-индустрија доби потврда дека се подготвуваат нови епизоди на популарниот стрип.

Несудената последна епизода  беше предмет на коментари на италијанските фанови, меѓу кои и влогот „Остров од хартија“ (Isola di Carta) кој ја опишува приказната како надреална, укажувајќи дека ликот на Путифаре е карикатура на рускиот претседател Владимир Путин.

Влијателниот инстаграм-профил „Стрип на денот“ (@fumetto delgiorno) во нивната мини-рецензија посочуваат дека на времето Макс Бункер најавил дека ова ќе биде последна епизода во серијата, но дека ваква каква што е епизодата на крајот ги остава читателите со голем прашалник, кој е засилен со рекламата за бројот 661 на задната корица. Според нив, очекуваат дека ќе содржи репринт на некои од приказните илустрирани од Паоло Пифарерио.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Fumettodelgiorno (@fumettodelgiorno)

Љубителите на стрипот од регионот на бивша Југославија, од кои некои живеат и во Италија, реагираа на овие случувања на форумот на Stripovi.com. И меѓу нив постојат дилеми за содржината на наредниот број, чија насловна страница е скоро иста како легендарната прва епизода, насловена „Групата ТНТ“.

Насловната страница на првата епизода на Алан Форд (македонско издание на Варм Комикс) и најавата за епизодата број 661 (италијанско издание на Макс Бункер).

Taка, по сè изгледа „Алан Форд“ продолжува да излегува. Впрочем, последните неколку месеци и самиот издавач објавува огласи со кој бара нови цртачи на претпоследната страница од изданијата.

„Да го освежиме Алан Форд! Перука е одличен, ама тој има само две раце, а ни требаат повеќе раце! Бараме искусни цртачи, кои очигледно треба и да ги сакаат ликовите од стрипот,“ стои во огласот објавен од Макс Бункер.

Заинтересираните уметници треба да пратат CV и примероци од своето портфолио и нивни цртежи на ликовите од Алан Форд по е-пошта на [email protected].

Доказ дека не се работи само за маркетиншки трик е и тоа што во бројот 659 беше објавена првата епизода нацртана од визуелната уметница Вероника Гуити. Таа е токму една од ‘приновите‘, која станала дел од тимот преку пријава на таков оглас.