Стрип центарот со креативна кампања „Македонијо, зелена ти ќе бидеш!“

Стрип дело, Ангела Петрушевска; Извор: Стрип центар Македонија

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес веќе втор месец го изведува проектот креативна стрип кампања „Македонијо, зелена ти ќе бидеш!“. Истиот е во склоп на концептот ЗЕЛЕН СКОК – Партнерства за климатска акција, финансиран од страна на Фондацијата Отворено Општество Македонија. Проектот ќе трае 4 месеци, информираат од Стрип центарот.

Главна цел на проектот е развој на еколошката свест кај населението во земјава, што ќе се оствари преку креативна кампања и мобилизација на младите генерации од сите средини за креативно размислување за еколошките проблеми преку користење на креативната алатка – стрипот.

Главни активности во проектот се подготвување и цртање на наменски стрип којшто ке биде изработен од страна на професионално ангажирани автори: сценарист и цртач коишто ќе изработат стрип на 6 страници и конкурс за посебни ученички стрипови од кои ќе се изберат најдобрите и доделат пригодни награди. Наменскиот професионален стрип, како и најдобрите стрипови по тематскиот стрип конкурс ќе бидат вметнати во посебен тематски каталог, заедно со претставување на проектот, организацијата носител и персоналот.

Тимот на Стрип центар на Македонија-Велес веќе го изработи сценариотo на наменскиот стрип којшто ќе го нацрта млада авторка Евгенија Трајковска, студентка на Ликовна академија при УКИМ.

Организаторите велат дека стрипот како релативно нова култура (околу 150 години) мошне бргу бил прифатен како средство за комуникација. Едноставниот пристап на раскажување на приказна преку слика ги плени луѓето од самиот почеток, па затоа стрипот се здоби со репутација на „деветта уметност“. Стрипот како 9 –та уметност опфаќа неколку сегменти: цртеж, текст, порака, позитивни јунаци. Toj посебно во минатото беше многу популарно средство кое на младите им овозможуваше, читајќи го да „патуваат и фантазираат“ преку него. Еден од великаните на стрипот Хуго Прат има речено дека „тој ги црта текстовите и ги пишува сликите“. Според други дејци, стрипот е „филм на хартија“.