Стрип центарот од Велес го објави јавниот повик за цртање на стрип

Стрип центарот-Македонија од Велес го објави јавниот повик за цртање на стрип. Право на учество имаат сите ученици од државата, без разлика на родот, етничката или друга припадност.

Должината на стрипот треба да биде до две табли и најмалку пет сликички на А4 формат (мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е во боја, препорачливо е истиот да се испрати преку пошта или да се достави лично.

„Стриповите нема да бидат вратени. Со самото испраќање организаторот се стекнува со право да ги објавува и презентира заедно со авторите во склоп на промоција на овој проект како и на други свои активности“, соопштуваат од Стрип центарот од Велес.

Tемата на стрипот треба да биде од областа на проблеми кои ја засегаат Ромската заедница (во смисла: пристап до вода, дискриминација/сегрегација во образование, домување и сл.).

На еден стрип можат да работат повеќе автори, но притоа ќе треба да се напише кој што направил: сценарио, молив, туш…. Како исклучок, кај сценаристите се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.

Заедно со стрипот, авторите ќе треба да испратат лична биографија (име и презиме, дата на раѓање, адреса, е-маил, како и година кога е стрипот нацртан. Исто така, на сите стрипови треба бидат наведени авторите како и називот на стрипот.  Пристигнатите стрипови, без овие информации, нема да бидат земени во предвид за награди.

Стриповите може да се изработени на македонски јазик или на други јазици кои се зборат во државата, со задолжителен превод на македонски јазик и кирилско писмо.

Училиштата и организациите кои ќе обезбедат најмалку пет учесници и нивните ментори, добиваат посебни признанија.

Рокот за испракање на стриповите е 25.06.2022 година, а пристигнатите стрипови ќе бидат разгледани од посебна комисија којашто ќе направи избор и ќе ги предложи следните награди.

Планирано е да се доделат прва, втора и трета награда за најдобар стрип во целина во две категории – основци и средношколци, награда за најдобар цртеж, награда за најдобро сценарио – порака и награда за најмасовно училиште.

Сите наградени ќе добијат дипломи, како и комплет изданија од Стрип центарот.

Изработените стрипови може да се испратат на следнава адреса: Стрип Центар на Македонија – Велес (за конкурсот), ул. Васил Горгов, бр.78, 1400 Велес, Република Македонија или преку е-маил:[email protected].

Стрип центар на Македонија – Велес го организира јавниот повик по добиен грант за проектот наречен „ЗА НАШИТЕ СОСЕДИ И ПРИЈАТЕЛИ“. Истиот е усвоен после вториот јавен повик за доделување мали акциски грантови на граѓански организации во рамки на Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите.