Стрип центар Македонија на настан во Тирана за вмрежување на релевантните стрип асоцијации

Фото: Стрип центар на Македонија, Велес

Втората смотра од проектот CAN (Comic alliance Networking) for Balkans, финансиран од програмата „Креативна Европа-подпрограма за култура на Европската унија, ќе се одржи од 30 јули до 2 август во Тирана, информираат од Стрип центар Македонија (СЦМ).

Носител на овој неколкугодишен проект е Музеј на историјата во округот Брашов во Романија. Освен Државниот историски музеј од Тирана, Албанија во овој неколкугодишен проект вклучени се: училиштето „Никола Митровиќ-Кокан“ од Лесковац, Белгискиот стрип центар од Брисел и Стрип центар на Македонија (СЦМ) со седиште во Велес.

„Замислата на овој проект е вмрежување на релевантните стрип асоцијации од вклучените земји како и афирмирање на социјалната примена на стрипот, во овој случај националната историја,“ рече Томе Трајков, програмски координатор во СЦМ.

На овој настан, освен персоналот на Стрип центарот од Велес ќе присуствуваат и Александар Стеванов-сценарист, хроничар и летерер и реномираниот стрип автор Томи Анастасовски. Сите тие ќе присуствуваат на бројни презентации, изложби,како и дебати на тема „Културно-социјални клишеа и стереотипи на Балканот“.