Стриминг платформата „Дизни+“ пристигнува и во Македонија

Фото: „Дизни+“

Стриминг платформата „Дизни+“ (Disney+) соопшти дека летово се проширува во уште 42 земји и 11 територии во Европа, Азија и Африка. Помеѓу новите земји каде платформата ќе ги понуди своите услуги е и Македонија.

„Дизни“ не ги прецизираше точните датуми кога услугата ќе биде достапна во најавените земји, ниту пак сподели информации за регионалните цени за услугите.

„Со ексклузивна оригинална содржина и илјадници епизоди и филмови од Дизни, Пиксар, Марвел, Војна на ѕвездите, National Geographic и општата забава од „Стар“, Дизни+ е стриминг дом на некои од најомилените приказни во светот“, велат од „Дизни+“ во најавата за проширувањето.

Платформата се шири во сите земји од регионот, вклучувајќи ги и Албанија, Србија, Грција, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија.

Стриминг сервисот „Дизни+“ е дел од „The Walt Disney Company“. Платформата нуди некомерцијална содржина и растечка колекција на ексклузивни оригинални содржини – долгометражни филмови, документарни филмови, акциони и анимирани серии и кратки содржини. Платформата има ексклузивни права да ги емитува најновите изданија кои ги продуцира студиото „The Walt Disney“.

Во Македонија во моментов своите услуги ги нудат повеќе стриминг платформи, вклучувајќи ги „ХБО“, „Нетфликс“, „Пикбокс“, како и првата македонска стриминг платформа „gley“.