Минувачи на плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Македонија е најмалку подложна на странски влијанија во регионот на Западен Балкан, покажува серија студии и истражувања на НАТО Центарот за извонредност во стратегиски комуникации (СТРАТКОМ). Но, сериозни проблеми и најголеми ризици се концентрацијата на моќ во политичките партии, слабите институции и недовербата на граѓаните во нив, високото ниво на корупција, неказнивоста на политичките елити и силниот политички фаворитизам.

„Севкупно, Северна Македонија има најниски вредности на индексот за севкупна пропустливост на влијанија од надвор. Сепак, беа воочени неколку загрижувачки слабости. Тоа се концентрацијата на моќ во политичките партии и слабите институции, придружено со ниската јавна доверба и политичкиот фаворитизам“, се наведува во студија на СТРАТКОМ за ризици и ранливост во Западен Балкан.

До средината на мај годинава, Стратком спровел неколку аналитички проекти во шесте земји на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, – анализа на продорот на странски влијанија во медиумите, студија за странски интереси и влијанија во земјите во регионот, едногодишно истражување во серија експертски работилници и длабинска анализа на четири клучни области во секоја земја со повеќе од 30 локални експерти, владини претставници, новинари, претставници на граѓанскиот сектор и на академската заедница во секоја област.

Во некои од анализите се оценува ризикот земјата да потпадне под странско влијание – индекс на пропустливост. Вредноста 1,5 се зема како граница на стабилност и мал ризик, околу 2 бара итни мерки, а веќе индекс 2,25 укажува на „загрижувачка системска слабост“.

Македонија (1,51) и Албанија (1,52) се најблизу до теоретската неутрална оценка од 1,5, односно најмалку ранливи/подложни на закани од надвор. За споредба, Босна и Херцеговина има најлош резултат на индексот на севкупна пропустливост со исклучително висока оценка од 2,05.

„Политиката е сфера со најголем потенцијал за надворешно влијание во сите анализирани земји. Најчестите ризици во регионот се концентрацијата на моќ, високото ниво на корупција, случаи на заробена држава, организиран криминал и неказнивоста на политичките елити. Ранливите институции и ниската јавна доверба во пратеничката демократија, од владите до медиумите, и другите „трнливи“ домашни проблеми можат да го засилат влијанието на непријателски странски актери чија цел е да ги продлабочат поделбите и да ги ослабат државите“, се наведува во анализа на вкупниот ризик во регионот.

Штетното влијание СТРАТКОМ го дефинира како обид да се искористат слабости и да се наметнат интереси спротивни на благосостојба на државата. Истовремено, НАТО центарот нагласува дека не секој проблем во регионот потекнува од странско влијание.

Анализите на СТРАТКОМ даваат и препораки, но тие не се разликуваат многу од препораките кои земјите од регионот вообичаено ги добиваат од меѓународната заедница, па дури ни од декларативните заложби на локалните политичари.

„Напорите да се промовира владеење на правото и слобода на медиумите на Западен Балкан генерално имаа слаби резултати, а корупцијата и криминалот остануваат високи. Економиите зависат од странски инвестиции а граѓанското општество лесно цел на информациски операции, особено во услови кога не постои доверба меѓу владите и граѓаните. Сите фактори придонесуваат во создавање средина ранлива на странско непријателско влијание“.

За долгорочна заштита од недобронамерните влијанија се неопходни владеење на правото, транспарентност и борба против корупцијата, наведува студијата, но во моментов се потребни ефикасни алатки за итно справување со ризиците: зголемена будност, разоткривање на механизмите и методите за ширење на недобронамерно влијание, споделување на научените лекции, широки дебати за најдобрите практики и начините за намалување и спречување на влијанијата и поддршка за оние кои носат одлуки и влијаат на јавното мислење да можат да ги препознаат и одбијат обидите за манипулација и влијание.

Аналитичарите нагласуваат дека државите треба да преземат краткорочните мерки за веднаш да се спротивстават на штетно влијание, но на долг рок мора да се постави и зајакне општествен систем на „стратегиско размислување“ – да се поддржи граѓанското образование, критичкото мислење и медиумската писменост.