fbpx

Стратком: Македонија особено ранлива на хибридни закани и невоени и сајбер напади

-

Македонија и Црна Гора се најотпорни во регионот на штетни влијанија во сферата на надворешната политика и безбедноста, покажуваат анализите на НАТО Центарот за извонредност во стратешките комуникации (Стратком). Но, и покрај добрата вкупна оценка, Македонија е оценета со „критично ранлива“ во подобласта на „национална отпорност“, односно во отпорноста на хибридни закани, а ризикот го зголемуваат околностите што земјата има безбедносни функционери подложни на политички влијанија и кронизам, како и можноста невоен напад, вклучувајќи и сајбер-напад, да предизвика значителна инфраструктурна штета, покажуваат анализите.

Стратком го оценува ризикот за странско штетно влијание на земјите од Западен Балкан со „индекс на пропустливост“, за кој вредност од 1,5 значи мал ризик, 2 значителен, а вредноста 2,25 е критичен ризик од странски упади и бара итни мерки. Ризикот се оценува во сферите „општество“, „политика“, „економија“ и „надворешна политика и безбедност“, секоја со по неколку подобласти, а од четирите поединечни оценки се вади вкупниот индекс на ризик од странски штетни влијанија во земјата.

„Северна Македонија (1,42) нема значителна ранливост во сферата на надворешната политика и безбедност. Сепак, националната отпорност не е целосно развиена а слабостите укажуваат на присуство на хибридни закани, засилени од неразвиената општествена отпорност. И покрај вкупната ниска ранливост, македонската агенда во надворешната политика и безбедноста треба да стави приоритет на градењето отпорност и на развој на долгорочна стратегија“, заклучува анализата.

Заклучоци кои особено загрижуваат, оценети со повеќе од 2,25, се „отпорноста на земјата кон хибридни закани е особено неразвиена во споредба со заканите“, „важни претставници на институциите за национална безбедност се подложни на политичко влијание или кронизам“ и „можност за значително оштетување на инфраструктурата во случај на невоен напад“.

„Западниот Балкан е цел на асиметрично непријателско влијание. Малициозните активности се прилагодуваат кон слабостите на целната земја. Ранливите институции и ниската јавна доверба во институциите на претставничка демократија, од владите до медиумите, како и другите трнливи домашни прашања, можат да го засилат влијанието на непријателски странски актери чија цел е да ги продлабочат поделбите во јавноста и да ги ослабат државите“, наведува Стратком.

Во извештај по едногодишна студија што за НАТО центарот ја спровел Глобалниот фокус центар од Романија, Стратком заклучува:

„Напорите да се промовира владеење на правото и слобода на печатот во Западен Балкан генерално дадоа слаби резултати, а стапките на корупцијата и криминалот остануваат високи. Економиите на земјите од регионот остануваат зависни од странски инвестиции, а граѓанското општество лесно станува цел на информациски операции, особено во сегашната клима на недоверба меѓу владите и граѓаните. Сите овие фактори придонесуваат кон создавање средина ранлива на непријателско странско влијание“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Денес и утре во МКЦ продолжува богатата програма на музичката конференција ПИН

Вчера во Младинскиот културен центар во Скопје започна музичката конференција и фестивал ПИН, организиран од Пасворд продукција. Станува збор за тридневен настан, на кој преку ден се одржуваат панели...