fbpx

Стратешкиот дијалог С.Македонија-САД: Силно сме фокусирани на продлабочување на билатералното партнерство

-

Владите на Северна Македонија и на САД објавија заедничка изјава по повод првиот состанок од процесот за Стратешки дијалог меѓу двете земји, што се одржа вчера во Вашингтон во која истакнаа дека дијалогот е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.

Како што соопштија од владината служба за информирање на јавноста, во заедничката изјава се потврдуваат силните односи меѓу двете земји и се изразува задоволство за унапредувањето на заедничките приоритети за безбедност и просперитет на билатерален план, на европскиот континент и во целиот свет.

Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, во изјавата ја истакнуваат нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина изборот за европска иднина и ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната и целосно да се повлече од Украина.

„Соединетите Американски Држави и Северна Македонија со оваа изјава ја потврдуваат посветеноста на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на регионот. Соединетите Американски Држави ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата Три Мориња“, наведено е во изјавата.

Соединетите Американски Држави, како што се вели во изјавата, со нетрпение очекуваат да ја поддржат работата на Северна Македонија со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.

Во однос на одбраната и безбедноста во заедничката изјава САД и Северна Македонија ја истакнуваат стратешката важност од развивање на одбранбени капацитети од висока класа, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските на НАТО за поддршка на колективната безбедност.

Соединетите Држави, исто така, оддаваат признание за достигнувањата на Северна Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините вооружени сили со напредни воени средства, како и напорите за унапредување на нејзината сајбер-безбедност и сајбер-одбранбени капацитети.

Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ја потврдија својата соработка во рамките на САД – Јадранската повелба (А5), и со нетрпение ја очекуваат тесната соработка за време на претстојното претседавање на Северна Македонија со Повелбата во 2023 година.

Во поглед на енергијата и животната средина двете земји во заедничката изјава ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени.

САД и Северна Македонија ја истакнаа својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, САД и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.

САД го истакнаа како особено значајно приклучувањето на Северна Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот како полноправна членка во 2022 година.

Поздравен е интересот на Северна Македонија да стане земја партнер во Глобалната програма на САД за заштита на царинската и гранична безбедност.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, двете земји ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и трговска соработка.

Во изјавата се посочува дека САД ја препознаваат Северна Македонија како стратешки важен пазар во развој со висок потенцијал за раст.

Северна Македонија и Соединетите Американски Држави изразија подготвеност да ги искористат трговските потенцијали, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.

Делегацијата на Северна Македонија во Вашингтон ја предводи шефот на дипломатијата Бујар Османи кој на средбата со државниот секретар Ентони Блинкен му се заблагодари за гостопримството и исклучителната организација на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, истакнувајќи дека ова е важен ден за Република Северна Македонија.

Според Османи, како што соопшти МНР, овој моментум ќе отвори ново поглавје на соработка и ќе ја врами севкупната соработка на двете земји.

Тој оцени дека врв на билатералната соработка беше нашето членство во НАТО и изрази благодарност за поддршката што САД ни ја даваат.

„Тоа беше прва и најважна стратешка цел за Северна Македонија. Се трудиме овие две години да бидеме додадена вредност не само за Алијансата туку и во нашиот регион како конструктивен партнер на НАТО“, додаде Османи.

Задоволство од иницирањето на Стратешкиот дијалог и од страна на државниот секретар Блинкен.

„Ја цениме многу значајната реформска агенда на која се ангажираше Северна Македонија, за демократијата, за енергетиката, за регионалните економски иницијативи. Сите овие се значајни, важни се и ние многу ги поддржуваме. Силно ги поддржуваме амбициите на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Многу сакаме да видиме дека се движи напред и ќе продолжиме да го поддржуваме тоа на секој начин што можеме“, рече Блинкен.

Американскиот државен секретар се осврна и на руската агресија во Украина.

„И, се разбира, имаме многу да зборуваме кога станува збор за руската агресија против Украина. Бевте во Киев во еден од деновите кога разговарав со нашиот пријател Дмитро Кулеба, тамошниот министер за надворешни работи, со нетрпение чекам да разменам мислења со вас за тоa“, заклучи Блинкен.

Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сенатот изгласа 95 милијарди за Украина и Израел, но и потенцијална забрана за ТикТок

Сенатот на САД, односно горниот дом на Конгресот, изгласа предлог-закон кој вклучува хуманитарна и воена помош за Украина, Израел, Газа и Тајван во вредност од 95 милијарди долари, но...