fbpx

„Стратешката интимност“ на новата Европска политичка заедница

По инаугуралниот состанок одржан на 6 октомври 2022 во Прага

-

Европската политичка заедница (ЕПЗ) беше инаугурирана веќе шест месеци по нејзината најава од страна на иницијаторот – францускиот претседател Емануел Макрон. Токму тој ќе оцени дека со неа се постигнала „стратешка интимност“ на континентот.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Видливо е дека примарното значење дадено на првата средба е гео-политичкото, главно на симболичко ниво на единство на континентот, кое ја зајакнува изолацијата на Русија, по агресијата врз Украина. И покрај постојните внатрешни несогласувања во ЕУ, особено на планот на енергетиката и санкциите кон Русија, овој самит ѝ овозможи на Унијата да прикаже единство, но и повторно да се докаже како гравитациона сила на европскиот континент. Истовремено, и притисокот кон учесниците на средбата за поединствен став кон Русија се зголемува, како што е, на пример случајот со Србија, за воведување санкции кон Русија.

Од повеќето почетни нејаснотии во врска со Заедницата, некои се расчистуваат. Јасни се учесниците – 44 држави. Покрај земјите членки на ЕУ (27), тука се земјите членки на ЕЕА и ЕФТА (Норвешка, Исланд, Лихенштајн и Швајцарија), Обединетото Кралство, земјите кандидати и потенцијални кандидати (од Западен Балкан, Источното партнерство и Турција), како и Ерменија и Азербејџан. Практично, членството станува исто како тоа на Советот на Европа, од кој Русија се повлече пред да биде исклучена, а Белорусија остана на блокирана апликација. Обединетото Кралство ја приграби оваа можност за влијание на европскиот континент и менување на негативниот однос со ЕУ по Брегзит, па настапи позитивно и дури ја доби можноста да организира еден од следните состаноци.

Главната порака кон аспирантите за членство, кои од почетокот на оваа иницијатива беа загрижени дека таа е всушност замена за проширувањето, беше декларативно повторена: Заедницата не е замена за проширувањето. Сепак, за ова тврдење да биде поубедливо, Унијата ќе треба да направи нешто повеќе на планот на проширувањето.

Со обликувањето на Заедницата се оди внимателно. Првиот состанок заврши без какви и да е заеднички документи. Внимателност се гледа и во поглед на институционализацијата на иницијативата. Таа засега остана на ниво на неформална платформа, а нема ни најава за нејзини посебни ресурси. Оттаму и критиките од страна на некои аналитичари дека самитите ќе останат „празна лушпа“. Од друга страна, веќе постојат разработени предлози и иницијативи кои доаѓаат од независни институции, каков што е Институтот Бројгел, на пример. Нивен предлог е најпрвин да се почне со „меко право“, а потоа да се оди кон формален договор меѓу ЕУ, државите членки и државите не-членки. Предлогот се залага ЕПЗ да се обликува како врска со институционалната реформа на ЕУ, најавена по Конференцијата за иднината на Европа. Вака поставена, ЕПЗ би имала улога на забрзувач, а не кочничар на процесот на проширување, бидејќи е јасно дека без институционална реформа на ЕУ не е можно натамошно проширување. И покрај официјалната внимателност, предлозите за натамошниот развој на ЕПЗ кои доаѓаат и допрва ќе доаѓаат од независните институции и организации веќе се индикатор дека оваа тема натаму ќе се разработува и движи.

Што се однесува до приоритетните области на Заедницата – засега е највидлива првата од оние најавените во мај оваа година: заедничката безбедносна и надворешна политика. Во оваа област е и единствениот конкретен исход од маргините на Самитот – согласноста на Ерменија за олеснување на цивилна мисија на ЕУ (на два месеци) покрај границата со Азербејџан, кој, пак, се согласил да соработува со оваа мисија. По обидите на Русија и на САД за посредување во конфликтот меѓу двете држави за Нагорно-Карабах, ЕУ сега се амбицира (иако не со премногу амбициозни чекори) да ја зајакне својата геостратешка улога во Евроазија.

Втората приоритетна област остануваат мрежите – транспортот, комуникациите, енергетиката, а веќе се споменуваат и активности во областа на климатските промени. Третата и најшироко поставена област – програми во економијата засега останува без натамошна разработка.

Останува на овие и нови прашања да одговори некој од следните самити. Иако засега ЕПЗ останува неформала платформа, договорено е да се одржуваат самити на секои шест месеци, кои ќе ротираат меѓу земја членка и не-членка на Унијата. Следните домаќини се Молдавија, Шпанија и Обединетото Кралство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...