Стратегија за адаптација на здравството кон климатските промени во земјава последен пат е изработена во 2011 година

Фото: Архива на Мета.мк

Македонија за последен пат во 2011 година изработила Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени со акционен план. Во меѓувреме, податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за Скопската котлина покажуваат дека дури девет од изминативе 10 години се вбројуваат во најтоплите 20 години измерени во периодот од 1951 до 2020 година за оваа котлина.

Продолжени топлотни бранови имаме и тековново лето, а од мрежата „Коалиција за клима“ уште кон средината на јуни годинава реагираа дека земјава имала изработено Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени во 2011 година, која престанала да важи во 2015 година. Од тогаш до денес, не постои никаков плански документ за прилагодување на здравствениот сектор кон климатските промени.

„Мета.мк“ минатата недела ги контактираше Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство на оваа тема, при што одговори добивме единствено од надлежното министерство.

Од Министерството за здравство велат дека сè уште важи Стратегијата за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени со акционен план на РМ, која е донесена во 2011 година.

„Истата немала рок од 2011-2015 година. Така да истата сè уште функционира и е извршена досега два пати позитивна евалуација од страна на Министерството за здравство и од меѓународни организации“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за здравство.

Тие додаваат дека акциониот план во рамките на Стратегијата е важечки документ кој одлично функционира во нашата држава и се имплементира, за разлика од многу други држави во регионот кои немаат ниту стратегија ниту акциони планови за топлотни и студени бранови.

Од Министерството за здравство велат дека засега нема потреба од донесување на нова Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени со акционен план, но и додаваат дека никогаш не престанала да важи и најголем дел од целите во неа се исполнети.
Инаку, во објавената Стратегија од 2011 година се наведува дека доказите за последиците од климатските промени врз здравјето на луѓето покажуваат дека климатските промени влијаеле на промената на дистрибуцијата на векторите преку кои се пренесуваат одредени заразни болести и дека ја промениле сезонската дистрибуција на одредени алергенски видови на полен. Исто така, зголемен бил бројот на смртни случаи предизвикани како последица од екстремни временски влијанија и топлотни бранови. Проблем што е поврзан со климатските промени е и аерозагадувањето, зголемениот интензитет на УВ-зрачењето, како и очекуваното зголемување на бројот на луѓе кои смртно ќе страдаат или ќе претрпат болести и повреди од поплави, бури, пожари, лизгање на земјиште и суши.
Во Стратегијата се наведени осум цели и 50 конкретни акции што треба да ги преземат одговорните власти во земјава за да се спречат или ублажат негативните ефекти на климатските промени врз здравјето на населението. Меѓу нив, како активности што се предвидени се наведени и: изработка на планови за справување со топлотни бранови на ниво на здравствени установи и обука на здравствен персонал и континуирано следење на ризиците од климатските промени и нивното влијание врз здравјето и надградба на здравствените капацитети за спрачување со нив.
Македонија актуелново лето веќе во два наврати се справува со продолжени топлотни бранови, од кои вториот сè уште трае и предизвикува проблеми кај населението и здравствениот сектор, почнувајќи од интервенции на Итната медицинска помош поради колапси за време на високите температури, зголемени тегоби и останати проблеми кај пациентите со кардиоваскуларни и други болести, па сè до повредени и настрадани лица од пожари, од удари на гром и од други временски непогоди.