Денеска на вториот ден на Меѓународната конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ беше промовирана Стратегијата за владина транспарентност 2020 – 2021 во чија што изработка учествуваше Фондацијата „Метаморфозис“ и Фондацијата Oтворено општество – Македонија.

Лидија Цветановиќ од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, рече дека Стратегијата е производ на заедничките напори на Владата и невладиниот скетор што е гаранција за вискиот квалитет.

„Од декември 2019 до декември 2021 година предвидени се голем број на активности за зголемување на транспарентноста на институциите. Стратегијата има широк опфат на сите министерства, органи, јавни претпријатија основани од владата, акционерски друштва во државна сопственост. За кратко време граѓаните ќе препознаат нови и непознати практики во работата на институциите“, рече Цветановиќ.

Таа додаде дека со Акцискиот план на оваа Стратегија, предвидена е Организациона единица која ќе почне да функционира во декември и на секои три месеци ќе дава извештај до министерот Роберт Поповски за реализација на Акцискиот план, а тој пак на секои шест месеци ќе ја известува Владата што е постигнато, кои се слабостите и ќе се интервенира во недоследностите.

Спроведувањето на активностите исто така ќе биде монитирирано од Работна група од седум членови од невладиниот сектор, медиумите како и бизнис-секторот.

Според Цветановиќ мисијата и визијата на оваа Стратегија е зголемување на довербата на граѓаните во Владата, институциите и создавање на амбиент на транспарентност и доверба за што е предвидена обука во институциите.

Со Акцискиот план предвидена е поголема слобода на лицето кое е односи со јавност во одредена институција, бидејќи надлежниот функционер ќе ги делегира неговите обврски во однос на одговарања на прашања, потпишување на документи и сл.

Оливер Серафимовски од Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер рече дека во Стратегијата се имплементирани најголем дел од препораките на Европската комисија за да се продолжи и да се подобри транспарентноста на институциите.

Тој додаде дека правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е загарантирно и со Декларацијата за човекови права и е еден од начините за спречување на коруптивно однесување на властите.

Според него важна е мерката во Акцискиот план за делегирање на надлежности на службено лице.

„Службеното лице кога ќе добие барање за слободен пристап до информации ќе може да одговори на побрз начин и ќе се намали досегашниот проблем, да нема пречка за потпишување на решение или да чека“, рече Серафимовски.

Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, рече дека Стратегијата е операционализација на активната транспарентност, која предвидува унифицирани веб-страници на Владата, институциите, органите во состав на Владата за податоците да бидат лесно достапни за граѓаните.

Таа додаде дека постојат разлики во отвореноста на Владата, министерствата и другите органи и како пример го наведе тоа што органите на Владата имаат индекс на отвореност од 28 проценти од 100, со што ја рушат целосната слика за транспарентност. Препорака од Стратегијата е органите да дојдат до минимум отвореност како пристапот до Отворена Влада на сајтот на Владата.

„Како предизвици остануваат унифицираниот пристап до документи и податочни сетови, како и навременост во објавување на јавните информации. Документите кои се разгледуваат на седниците на владата, треба да бидат објавени на веб-страниците на Влада и ресорните министерство. Според тие документи Владата креира политики, за кои граѓаните треба да имаат слободен пристап. Иако одлуките се објавуваат во Службен весник, тоа се плаќа. Овие информации треба да бидат бесплатни за граѓаните“, рече Даниловска Бајдевска.