fbpx

Странците навалија со посети и со реакции за кризата во Македонија

-

Високиот комесаријат за човекови права на ОН изрази длабока загриженост поради политичкиот ќор-сокак во кој се наоѓа Македонија и неговото влијание врз човековите права.

Ваква загриженост последниве денови изразија речиси сите релевантни меѓународни организации, што е сигнал дека, сепак, странците се заинтерeсираа посериозно за состојбата во земјава.

Претседателот Ѓорге Иванов разговараше со Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави, Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија, Мариан Берц, претставник на Мисијата на ОБСЕ, и со капетан Румен Радев, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО.

Премиерот Никола Груевски, пак, се сретна со првиот човек на најголемата Европска народна партија (ЕПП), Жозеф Дол.

Според премиерот, Дол презел обврска и понатаму да го следи одблиску случајот, да се информира и, доколку е потребно, и лично да помогне во иднина.

Портпаролката на Комесаријатот за човекови права на ОН, Сесил Поули, соопшти дека Високиот комесаријат е „особено вознемирен“ од содржината на неодамна објавените снимени разговори, кои инкриминираат високи претставници за голем број прекршувања на човекови права, вклучувајќи и изборни измами, малтретирања, вршење притисок врз судството и врз медиумите, како и масовно прислушување.

– Ги повикуваме властите да почнат брза, независна, темелна и непристрасна истрага за сите наводи за прекршувања на законот, без оглед на нивниот извор, и да обезбедат резултатите да бидат достапни за јавноста – рече Поули, апелирајќи властите да побараат одговорност од сите за кои истрагата ќе покаже дека ги прекршиле законот и човековите права.

Иво ВајглЕвропскиот пратеник од редовите на либералите, Иво Вајгл, исто така потврди дека тој и неговите колеги, Ричард Ховит од групата на социјалистите и Едвард Кукан од демохристијанската политичка група, ќе се ангажираат да им помогнат на македонските најголеми партии да седнат на маса и да почнат да разговараат.

Според најавите во медиумите, на крајот на овој месец се очекува средба помеѓу најблиските соработници на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со европски пратеници во Брисел во Европскиот парламент (ЕП).

На овој состанок се очекува да пристигнат блиски соработници на лидерите на двете партии, кои би имале мандат да ги водат разговорите на конструктивен начин.

Претходно, оваа инфомација ја пласираа и од Европската комисија, преку портпаролот Маја Коцијанчич:

– Политичка обврска останува на партиите во Македонија да покажат одговорност и да се вклучат во конструктивен дијалог за надминување на сегашниот ќор-сокак и да се фокусираат на стратегиските приоритети на земјата и на сите нејзини граѓани.

Коцијанчич, исто така, потврди дека Јавното обвинителство побарало странски експерти да се вклучат во процесот од кривичниот дел од политичката криза. Таа изјави дека Европската комисија сè уште бара начин како таа би можела да помогне во судскиот дел од аферите „Пуч„ и „Прислушување“.

Обвинителството, откако покани странски експерти, почувствува потреба да ја дообјасни оваа постапка, па за телевизија „Алсат-М“ соопштија:

„Експертите би биле во тек со работата над предметите поврзани со актуелните случувања, но без да даваат конкретни насоки за текот на истрагата, како и за донесување јавнообвинителски одлуки. Меѓународните експерти ќе бидат во тек со работата на надлежните обвинители по предметите во поглед на објективноста и на непристрасноста во постапувањето и во примена на стандардите.

Поканата на Обвинителсво до странските експерти ја поздрави и премиерот Никола Груевски во неговиот говор во неделата, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. На иста линија за експертска помош од странство во судската постапка е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, само што тој прво бара оставка од сегашниот прв човек на обвинителството, Марко Зврлевски.

Пред неколку дена, и словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, за агенцијата „Мета“ изјави дека ситуацијата во земјава е критична.

– Со голема загриженост ги следам случувањата затоа што наводите презентирани од лидерот на опозицијата се многу сериозни и бидејќи Македонија е земја-кандидат за ЕУ, мислам дека тоа е прашање кое министрите за надворешни работи на ЕУ треба да го дискутираат. Мораме да откриеме каде е вистината. Тоа е важно, не само за нас, туку и за граѓаните на Македонија. Потребна е непристрасна и објективна истрага – вели Лајчак.

За Лајчак истрагата ќе биде добар начин да се спречи дестабилизација.

– Ако тоа не се направи, ќе има многу интерпретации за тоа што се случило и тоа може да доведе до дестабилизација. Тоа не е нешто за што сакам да зборувам, но мислам дека мора да реагираме. Обвинувањата се многу сериозни, затоа мора да ја етаблираме вистината – рече Лајчак.

Ова се пораките од меѓународната зедница кои таа ги испрати последниве денови. На нив им претходеше и соопштение од ОБСЕ за почитување на слободата на говорот и осуда на говорите на омраза.

Овие пораки може да се и показател дека политичката и институционална криза, во која Македонија е длабоко навлезена повеќе од еден месец, не би можела да го најде вистинскиот излез без политичари од надвор. За идејата странци да го менаџираат (како што бара СДСМ) или да го надгледуваат (барање на ВМРО-ДПМНЕ), најверојатно има согласност и во јавноста иако, се чини, политичките партии сè уште го немаат измоделирано начинот на кој европските политичари би се впуштиле во оваа, засега, невозможна мисија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...