fbpx

Странците му се најверниот сојузник на специјалниот обвинител

-

Расправата што овие три дена ја водат дел од правните експерти, опозицијата и Основниот суд Скопје 1 околу законитоста на суспендирањето на снимките од „бомбите“ на опозицијата како доказен материјал, во „жижата“ на мегданот, за момент, ги фрли и медиумите.

Основниот суд Скопје 1 завчера испрати соопштение во кое ја брани одлуката на судијата на претходна постапка, но не испушти да (до)информира дека апологијата била испровоцирана од прашања на темата, што до судот ги доставиле дел од медиумите, а откако им биле одговорени, тие не го објавиле ставот на скопскиот Основен суд 1.

„Основниот суд Скопје 1 – Скопје останува отворен за комуникација со јавноста и транспарентно, прецизно и навремено ќе одговори на сите медиумски прашања упатени до судот, кои се во рамките на јавното информирање за работата на судот, а за кои по наша оцена селективно или воопшто не се објавуваат“, беше наведено на крајот на соопштението.

Дел од експертите и опозицијата, одлуката на судијата на претходна постапка ја оценуваат како незаконска бидејќи судијата ја донел во фаза од постапката, во која нема надлежност. Судот, пак, го тврди спротивното и својата одбрана ја аргументира повикувајќи се на истите закони, пред сè, на тој за кривична постапка.

Главното прашање што произлегува од овие настани е дали специјалниот обвинител, кој, според Договорот од Пржино, треба да биде избран до 15 септември, ќе остане без работа?

Во овие околности и реакциите што уследија по судската одлука, најверен сојузник на специјалниот обвинител и на неговиот предмет на работа, иследување на содржината на „бомбите“, по сè изгледа, се гарантите на Договорот од Пржино.

Од Амбасадата на Соединитетите американски држави (САД) порачаа „владата и сите политички партии да оневозможат какви било дејства што би ја попречиле можноста специјалниот обвинител да дејствува со целосна автономија, како што е предвидено во договорите од 2 јуни и од 15 јули“.

Амбасадата на Германија, својот став, без дипломатска обланда, го соопшти завчера, наведувајќи дека има големи очекувања во врска со именувањето на специјалниот обвинител на 15 септември, бидејќи тој „треба да обезбеди независна, транспарентна и сеопфатна правна разврска на обвиненијата за тешките престапи што произлегуваат од телефонските снимки“.

Портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан, Маја Коцијанчич, во врска со прашањето изјави дека Европската комисија (ЕК) „не коментира одделни судски случаи, особено првостепени, кои подлежат на жалби и кои не се конечни“, додавајќи дека ЕК очекува „специјалниот обвинител да биде назначен и целосно да ја спроведе својата функција во согласност со Договорот од Пржино“.

Во реакцијата на амбасадата на Велика Британија, пак, се вели дека „наводите што произлегоа од прислушуваните разговори се многу сериозни и за нив треба да се спроведе целосна и транспарентна истрага“ и се додава дека не би можеле да коментираат детали од судската одлука, но дека истрага мора да има, а за неа треба да биде надлежен специјалниот јавен обвинител.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...