Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција најави бесплатни ПЦР-тестови за странските туристи кои планираат да ја посетат нашата земја во текот на претстојнава сезона. Станува збор за една од мерките што спаѓа во шестиот антиковид пакет за економијата што го планира владата, а со цел да се стимулира туризмот во земјава.
Битиќи денеска спомена оти годинава се очекуваат околу 50.000 странски туристи што ќе ја посетат земјава, а на кои ќе им се покријат трошоците за ПЦР-тестовите, за истите да не бидат дополнителен финансиски товар за потенцијалните гости во туристичко-рекреативните центри.
„Тоа ќе се направи во соработка со Институт за јавно здравје, Фондот за здравство и Министерство за здравство, затоа што сметаме дека само кредибилни и јавни институции можат да спроведат ПЦР-тестирање на ваков начин и во толку голем обем, како што имаме предвидено“, рече вицепремиерот Битиќи.
Шестиот пакет мерки за поддршка на економијата во услови на ковид-19 пандемијата е вреден 17,8 милиони евра, а истиот содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60.000 вработени.