Според податоци на Народната банка на Македонија, во февруари годинава се регистрирани само 12,6 милиони евра странски инвестиции.

Претходните три месеци, тие просечно изнесуваа повеќе од 30 милиони евра: во јануари – 34,4 милиони евра, декември – 35 милиони евра и во ноември – 38 милиони евра.

Иако нема официјални информации за причините за овој пад на странските инвестиции, според економистите, тоа може да се должи на актуелната политичка криза.

Странските инвеститори сè уште не излегле со официјален став за тоа како политичката криза влијае врз нивната работа, но впечатокот е дека во моментов ги согледуваат околностите кои ќе влијаат врз нивните бизнис-одлуки за инвестирање.

И гувернерот Димитар Богов, неодамна изјави дека кризата најмногу може да повлијае на странските инвеститори, кои ако ги стопираат инвестициите, нема да дојде до отворање нови работни места.

– Инвеститорите се воздржуваат од инвестиции во несигурен амбиент. Тие бараат стабилност, извесност и сигурност – изјави Богов.