fbpx

Странски „туристи“ трагаат по златото на кралот Петар Први Караѓорѓевиќ во Мариово

-

Митовите за закопано богатство во битолскиот дел на Мариово и оваа година мамат туристи. Под превезот на туризмот, странци трагаат по златото на српскиот крал Петар Први Караѓорѓевиќ во битолскиот регион, на линијата на Македонскиот фронт од Првата светска војна, вели градоначалникот на општина Новаци, Лазе Котевски.

Во Мариово и ова лето е „возбудливо“ со странски туристи и со планинари, кои со стари мапи во рацете ги крстосуваат селата долж македонско-грчката граница, Градешница, Сливица, Будимирци, Скочивир, Брод и Старавина.

Котевски вели дека има информации од локалното население дека неретко на местото на поставените шатори на планинарите наоѓаат ископани јами. Сомнителните случаи ги пријавувале во граничната полиција.

– Мариово последните децении е мека за дивите копачи, особено за странци од Србија, Франција, Германија. Наводно, одат на лов, на планинарење, а, всушност, често по нивното кампување, мештаните наоѓаат ископани дупки. Во овој дел на Мариово поминувала границата на Македонскиот фронт од Првата светска војна и луѓето веруваат дека туку е закопано големо богатство – вели градоначалникот Котевски. Според него, мештаните раскажуваат дека, всушност, наводните туристите ја бараат патеката по која се движела војската на српскиот крал Петар Први Караѓорѓевиќ во Балканските војни.

Се верува дека српската војска тука оставила ковчези со злато. Вакви слични приказни мариовци раскажуваат и за француската војска од Првата светска војна.

Сепак, митовите за Мариово локалната власт ќе се обиде да ги искористи позитивно за афирмација на туризмот. Општината најавува отворање на туристичко биро со ангажирање на водичи, кои добро го познаваат теренот и историјата на овој регион. Во исто време, ќе се афирмира и меморијалниот туризам, односно ќе се „оживее“ линијата на фронтот од Првата светска војна, која во 1916 година минувала низ Мариово. За туристите примамливи се и куќата на Калеш Анѓа и мостот на Градишка Река кај селото Зовиќ.

– Засега не сме имале придобивки од туризмот во нашиот крај. Но, нашите планови се да ги отвориме вратите за сите туристи од светот, а Општината да има корист од тоа. Секое лето кај нашите иселеници од Австралија, Франција, Шведска и од Швајцарија е сè поголем интересот да ја посетат реновираната куќа на хероината Калеш Анѓа и филмскиот мост, каде се снимаше „Прашина“ на Милчо Манчевски – вели Котевски.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од...