Швајцарски франци | Фото: Claudio Schwarz | @purzlbaum на Unsplash

Во текот на првото тримесечје од 2020 година, вкупните странски директни инвестиции во нашата земја изнесуваат 137,3 милиони евра, што е зголемување во однос на истиот период минатата година кога странските инвеститори вложиле 48,5 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Забележително е дека од вкупните инвестиции во првите три месеци од годинава дури 108 милиони евра се реализирани во март, кога веќе почна да се разгорува кризата предизвикана од корона вирусот.

Швајцарија со инвестирани 38 милиони евра е прва на листата земји со најголеми инвестиции во нашата држава во првите три месеци од годинава. Потоа следуваат Германија (13 милиони евра), Словенија (10 милиони евра), Турција (7 милиони евра) и Холандија (6 милиони евра).

Од Народната банка објаснуваат дека податоците за трансакциите на директните инвестиции ги опфаќаат движењата помеѓу поврзаните субјекти врз основа на сопственички капитал, реинвестирање на добивката и должничките инструменти.

„Должничките инструменти ги опфаќаат средствата и обврските од и кон поврзаните претпријатија во странство врз основа на заеми на меѓусебно поврзани субјекти, трговски кредити и аванси на меѓусебно поврзани субјекти и средства и обврски врз основа на останати должнички инструменти на меѓусебно поврзани субејкти“, велат од Народната банка.

Од вкупната сума странски директни инвестиции во првото тримесечје од годинава, 86,3 милиони евра отпаѓаат на реинвестирање на добивката, 30,5 милиони евра на меѓукомпаниски долг, а на сопственички капитал 20,5 милиони евра.