Страхил Петровски ја доби наградата „Гранд При“ на отварањето на „Зимски салон“

Фото: Мета.мк

Вчера во просториите на Чифте амам беше отворена 19-тата по ред ликовна манифестација организирана од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), „Зимски салон“.

На отварањето свое обраќање имаа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорката на Романија во Македонија, Адела Моника Аксинте и кураторот на изложбата Анка Боериу, романска професорка на Националниот Универзитет за уметности во Букурешт.

„19-тиот ликовен Салон несомнено е уште еден уникатен омин во континуитетот на ликовната сцена во која се отвара дијалог меѓу локалното и глобалното, меѓу традиционалните техники и новите методи. „Зимскиот салон“ со своите теми е провокација на уметниците кои секогаш биле колектив на општеството. Делата особено зборуваат и ги демистифицираат сите теми, па и оние за кои јавноста само шепоти. За нас, за публиката, оваа изложба е празник на уметноста“, истакна министерката за култура.

Таа порача дека од непроценливо значење е продолжувањето на традицијата, според која, наградениот со „Гранд При“ на оваа биенална изложба има можност за престој во македонското ателје во Париз што претставува амбасадорска улога за целата земја. Министерката ја поздрави и ѝ се заблагодари за сиот вложен труд на професорката Боериу, која требаше да го прогласи победникот со своето дело.

„Навистина сум почестена да бидам овде. Горда сум што соработував со многу прекрасни артисти, важни современи уметници. Се обидов да ги распределам нивните дела во ова прекрасно место на начин на кој секој уметник ќе добие простор за да прикаже сѐ. Морам да кажам и дека сум импресионирана од нивната енергија во ова тешко време да креираат согласно темата дадена за биеналето. Треба да се нагласи дека треба да ја продолжиме соработката меѓу уметниците од Романија со уметниците од Македонија, треба да изнаоѓаме начини да ги соединуваме затоа што јас мислам дека на некој начин сме многу слични“, рече кураторот на изложбата Боериу.

Таа истакна дека изборот за еден добитник на наградата бил навистина тежок и поради тоа по неговото именување беа споменати уште три. Главната и важна награда што се доделува на оваа ликовна манифестација, како и шансата за престој во македонското ателје („Citѐ des arts“) во Париз, ја доби Страхил Петровски за своето дело „Лимитиран свет“, изработено со комбинирана техника на панел/видео на темата „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“. Покрај него се споменаа и имињата на Вана Урошевич, Мице Јанкуловски и Златко Бојковски за умешноста во нивните творби.

Страхил Петровски – „Лимитиран свет“, комбинирана техника на панел/видео, Фото: Мета.мк

Со свои дела на изложбата се претставија 41 уметник од Македонија, а од страна на кураторот беа поканети и пет уметници од Романија, Марија Петку Чиоибас, Мирела Траистару, Патриција Теодореску, Ралукалариа Деметреску и Река Цсапо Дуп.

Секој од нив со автентичност на единствен начин одговори на темата што обединува кон повторно поврзување, воздигнување и реконструирање, на живот пред и по пандемијата, односно на оној живот што е моментален и што се наоѓа меѓу почетокот и крајот. Уметноста претставена на биеналето повторно ја докажа својата моќ на изнаоѓање надеж за подобро, дури и кога истата не е ниту на повидок.

Изложбата ќе биде отворена до 19-ти февруари. Истата е поддржана од Министерството за култура во соработка со Националната Галерија на Република Северна Македонија.