Околу 600 до 700 мигранти од илјадниците кои изминативе десетина дена се заглавени во кампот кај Идомени од грчката страна на границата, попладнево успеале нелегално да ја преминат границата со Македонија и да влезат во гевгелиското село Моин, потврдија за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму додаваат дека групата била задржана од полицијата и во моментов се преземаат мерки за враќање на мигрантите на територија на Грција.
Претходно телевизијата „Канал 5“ јави дека илјадници мигранти од Идомени ја минале границата и влегле во селото Моин, каде се распоредени голем број припадници на полицијата и армијата, кои се обидуваат да се справат со толпата луѓе и да ги вратат назад.
Според информациите во Грција, непознат човек од изутринава делел флаер во кампот кај Идомени со текст дека границата е херметички затворена и дека доколку пропешачат само пет километри од Идомени ќе може слободно да преминат во Македонија.
Попладнево и британскиот национален сервис „Би-би-си“, јави дека стотици мигранти се движат кон реката на грчко – македонската граница, обидувајќи се да најдат пат низ оградата долж граничната линија кај Гевгелија.
Според „Би-би-си“, голем број на мигранти и бегалци биле забележани како го напуштаат кампот кај Идомени и се движат кон реката. Групата, според информациите била обиколена од грчката полиција. Нема информации за евентулани судири меѓу мигрантите и полицијата.
Утрово, како што потврдија од македонската полиција, тројца мигранти, од кои една жена и двајца мажи, биле најдени удавени во Сува река. Уште 23 лица, со помош на полицијата и на екипи на гевгелиската територијална противпожарна бригада биле спасени од надојдените води на Сува река и пренесени дел во болница, дел во Прифатниот центар на македонско – грчката граница.