Стотина сензори ќе се поставуваат на градски објекти во Скопје, ќе се бараат изворите на аерозагадувањето

Аерозагадувањето во Скопје. Фото: Мета.мк, 26 декември 2021

Советот на Градот Скопје прифати амандман на советниците на Зелен хуман град и се обврза од градскиот буџет да инвестира 700.000 денари за поставување на хипер-мрежа на сензори за мерење и локациско мапирање на аерозагадувањето во главниот град. Со овие средства ќе треба да се постават стотина сензори за мерење на аерозагадувањето на градски институции и средни училишта, но и во општини каде што нема ниту една мерна станица, како Шуто Оризари.

Советникот на ЗХГ и еколошки активист, Горјан Јовановски вели дека целта на хипер мрежата е да дознаеме од каде доаѓа загадувањето на воздухот и полесно да го спречиме. Сензорите, иако се нискобуџетни, имаат отстапување помало од 10 микрограми на кубен метар, што значи дека даваат точни резултати од кои може да се извлечат информациите кои се потребни.

„Овој тип на сензори се користат секаде во светот, а подолго време има и кај нас и нивните мерења може да се следат преку апликацијата AirCare – Air Quality App. Секако дека тие податоци нема да се користат во научно- истражувачки цели како оние од државниот мониторинг, но даваат сосема солидни информации, особено за она што нас ни е цел, да алармираат ако на некоја локација има зголемено загадување на воздухот и со тоа да помогнат да се откријат загадувачите во градот“, вели Јовановски.

Тој посочува дека фактот, што покрај овој амандман за хипер мрежата на сензори, Советот прифати уште четири, од 33 колку што поднесе ЗХГ, е мала, но значајна победа. Нагласува дека нема да дозволат да не се реализираат овие проекти и средствата повторно да се пренаменат за нешто друго.

„Свесни сме дека прифаќањето на амандманот не значи и дека ќе го реализираат проектот. Но, ние не отстапуваме и постојано ќе го следиме напредокот. Веќе договоривме средба со Секторот за животна средина и подготвени сме со нашето искуство да помогнеме во определувањето на спецификациите на уредите што ќе треба да се набават“, посочува Јовановски.