fbpx

Стопирани три објекти од „Скопје 2014“ поради проблемите на „Бетон“ – Штип

-

Целосно застанаа градежните работи на објектите на ФИНКИ, Градска куќа и Офицерскиот дом, дел од проектот Скопје 2014, откако штипски „Бетон“ се најде во предстечајна постапка.

Во вторник во Основниот суд во Штип се очекува предстечајниот управник Драги Димовски да поднесе извештај за состојбата во „Бетон“. Потоа главните доверители, кои побараа отворање на постапката, ќе одлучуваат дали ќе му дадат нова шанса на „Бетон“ за реорганизација или сепак ќе се оди во стечај.

На рочиштето во вторник ќе се види точниот износ на долгот, но и побарувањата на штипската компанија.

Од Основниот суд во Штип потврдуваат дека се работи за обемна документација со 30 имотни листа во сопственост на компанијата, поради што стечајниот управик побарал дополнително време за да ја обработи книговодствената документација.

Во меѓувреме, Судот забрани располагање со имотот на „Бетон“, односно одреди мерка за замрзнување на имотот. Работниците што успееја да најдат работа заминаа во други компании, додека останатите се на списокот на Агенцијата за вработување и ги користат бенифициите од работен однос.

Ова го потврди генералниот дирекор на „Бетон“, Ванче Мијалчев, кој се надева дека во вторник доверителите сепак ќе се одлучат за реорганизација.

– „Бетон“ има побарувања. Само од грчката компанија „Интеркат“, за која како подизведувач ја градеше Клиничката болница во Штип, побарува 124 милиони денари. Грчката компанија ги наплати овие пари од инвеститорот – Министерството за здравство, но на „Бетон“ не му плати – вели Мијалчев.

Адвокатот Сашо Бошков, кој е дел од управата на „Бетон“ потврди дека во моментов со „Интеркат“ водат судски спор за наплата на сработеното.

Мијалчев додава дека имаат уште едно значајно побарување од скопски „Бетон“, кој не платил за изведување на договорени работи на патници и надпатници и други градежни работи на експресниот пат Штип – Кочани.

Судбината на „Бетон“ ќе ја одредува и натамошната судбина на три големи објекти од проектот „Скопје 2014“. Вредноста на Градска куќа е над 22,5 милиони евра, а таа на објектот на ФИНКИ е 13.142.406 евра.

Штипски „Бетон“, компанија која постои повеќе од 70 години, беше еден од главните градители во проектот Скопје 2014, од каде успеа да наплати 55 милиони евра.

Додека се градеа објектите, се случи и сопственичка промена, па сега според податоците од Македонска берза, во управата освен Мијалчев и адвокатот Бошков, во одборот на директори како претседател е Дејан Панделески од „Пелистерка“, Тодор Мирчевски и Орце Камчев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...