Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) направила истражување меѓу своите членки за сегашните владини мерки за помош и поддршка на бизнисот во услови на корона вирус, и од таму сметаат дека генерално, тие не се соодветни и не им помагаат на компаниите.

„Од испитаните компании, 57,1 отсто сметаат дека владините мерки нема да им помогнат на бизнисите, 25,4 отсто дека мерките се делумно соодветни, додека тие што сметат дека мерките се соодветни се 6,3 отсто. По однос на примената, 38,1 отсто сметаат дека овие мерки не се применуваат врз нивните дејности, додека 23,8 проценти одговориле дека нема да ги користат овие мерки,“ наведуваат од СКСЗМ.

Комората предлага да се субвенционираат платите на работниците со минимална просечна вредност од 20.000 денари нето, каматната стапка за новите кредити што ќе им требаат на компаниите од комерцијалните банки во земјава да биде нула до 0,30 отсто или каматата да биде покриена од Владата, како и да се обезбедат кредити со минимални каматни стапки и поедноставена постапка за одобрување за компании кои имаат развојни проекти.

Од СКСЗМ бараат поддршката за субвенционирање на платите да трае најмалку три месеци, кредитите со нула отсто каматна стапка да имаат минимум грејс период од шест месеци.

„Да се вратат државните долгови кон приватните компании чија ликвидност е доведена во опасност поради кризата, враќањето на ДДВ приоритетно да ги опфати производителните и извозно-ориентирани компании, да се укине аконтацијата за данокот на добивка зашто 2020-та ќе биде година на загуба за повеќето компании, а производите кои Владата ги смета за неопходни и се увезуваат да имаат нула отсто царинска стапка со оглед дека нивната набавна цена е покачена, додека компаниите имаат ограничување по однос на продажната цена,“ бараат од СКСЗМ.