Неколку стотини граѓани денеска се собраа пред Собранието на Република Македонија на протест против најавениот предлог-закон за забрана на објавување на прислушуваните материјали и порачаа „Стоп за цензурата“ и „Не ги даваме бомбите“. Демонстрантите протестот го одбележаа со тоа што на разглас пуштаа дел од „бомбите“ што ги објавуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Стоп-за-цензурата-протест-собрание

Билјана Бејкова од Граѓанската платформа „Ајде“ рече дека „бомбите“ се сведоштво за тоа како власта прислушувала и ја нарушувала приватноста на голем број граѓани.

– Овој закон е неуставен и со него сакаат да го скријат тоа што го направиле. Законот мора да биде повлечен и ќе протестираме сè додека не го направат тоа. Оваа држава мора да биде демократска и граѓаните да бидат слободни – рече Бејкова.

Павле Богоевски од „Ајде“ рече дека членот 16 од Уставот ја забранува цензурата, а со овој Закон, цензурата ќе стане законска.

– Овој народ има глас, има мозок, има душа и нема да им ја земете. Нема да ви помине – порача Богоевски.

Јадранка Костова, главен и одговорен уредник на „Фокус“, смета дека доколку помине овој закон, кој, според неа, има небулозни одредби, срамот ќе го носиме сите, а особено оние кои ќе го потпишат.

– Ова е небулозен закон и е опасен по сите демократски тенденции. Ако идејата е да се забрани објавување на нови „бомби“ е едно, сè друго е невидена глупост и голем срам за Македонија – рече Костова.