Подготвени сме да ве пречекаме во семјството на НАТО. Ви честитаме за покажаното лидерство, политичка храбост и визија во решавањето на споровите со соседите. Република Северна Македонија веќе има свое столче во НАТО. Месецов уште еднаш министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува на состанок на министри за одбрана во НАТО. Очекуваме по ратификацијата кај сите земји членки на НАТО да станете 30-та членка на Алијансата.
Со таква порака се обрати генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев.
– Членството во НАТО значи просперитет и кога ќе станете членка на НАТО ќе учествувате во креирање на политиките и во носењето на одлуките со глас подеднакво важен како и на другите сојузници – порача генералниот секретар на НАТО.
Тој учествуваше на заедничкиот состанок на Северноатлантскиот совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, кој е историски оти е прва посета на комплетниот Северноатлантски совет, сочинет од амбасадори на НАТО на земјава. На состанокот присуствуваше и премиерот Заев.
Столтенберг рече дека тој состанок е историски и поради тоа што ја искажува готовноста на НАТО да ја прими Македонија како 30-та полноправна членка.
На состанокот на највисокото тело на Северноатлантската алијанса се разговарало за главните реформски приоритети – владеењето на правото, безбедноста и разузнавачкиот сектор.
– Низ историјата на НАТО, нашата политика на отворени врати се покажа како успешна и ја зацврсти Алијансата и безбедноста. Го очекувам денот кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО – рече Столтенберг.
Одговарајќи на новинарско прашање за напливот на лажни вести, во врска со на неодамнешниот состанок во НАТО посветен на хибридната војна, генералниот секретар на Алијансата укажа дека за борбата против ваквата пропаганда се потребни отворена дебата, слободни медиуми и новинари кои ќе ја шират вистината.