Фото: НАТО
Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО | Фото: НАТО

Заедничко финансирање на распоредените сили, поголем буџет за одвраќање и одбрана и внимание на климатските промени се дел од темите на иницијативата НАТО 2030, што генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг денеска ќе им ја претстави на министрите за одбрана на сојузничките земји. Состанок на Северноатлантскиот совет утре ќе продолжи со разговори за операциите во Ирак и Авганистан.

Денешната сесија на Советот е прв состанок со новата американска администрација, но и почеток на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Брисел, за кој Столтенберг смета дека ќе почне ново поглавје во трансатлантските односи.

„Кога ќе се состанеме, сакам на лидерите да им претставам амбициозна агенда за прекуатлантската безбедност и одбрана. Тоа е суштината на НАТО 2030“ рече Столтенберг.

Една од поентите во планот на Столтенберг е рамномерно делење на товарот меѓу сојузниците.

„Денес, земјата која обезбедува капацитет, на пример војници или бродови, обезбедува и финансирање. На пример, ако Норвешка прати војници во борбена група во Литванија, Норвешка плаќа за тоа, мислам дека ова треба да го смениме. Делумно за да покажеме посветеност на Членот 5 (заедничка одбрана) и единство. Второ, ако заеднички финансираме борбени групи, вежби, воздухопловни патроли, ќе помогнеме сојузниците да придонесат повеќе во тие активности. И трето, тоа ќе помогне во праведна поделба на товарот, зашто не е фер сојузниците што обезбедуваат војници или бродови самите и да плаќаат за тоа“, рече Столтеберг на синоќешната прес-конференција во пресрет на состанокот.

Во новата иницијатива генералниот секретар им дава големо значење и на климатските промени.

Ќе предложам НАТО да постави златен стандард во намалување на емисиите на стакленички гасови од воениот сектор, да придонесе кон целта од нула емисии, и да врши годишни проценки за тоа како климатските промени можат да влијаат врз нашите трупи и распоредувања“, рече тој.

Како дел од агендата НАТО 2030, Столтенберг ќе предложи зголемено финансирање на активностите за одвраќање и одбрана, како што се распоредувањето борбени групи на источните делови на НАТО, контролата на воздушниот простор и поморските операции и вежби. НАТО треба да усвои и појасни и мерливи национални мерки за отпорност, да врши годишен преглед на ранливоста на критичната инфраструктура и технологии во Алијансата, да покрене иницијатива за одбранбени иновации и зголемена политичката координација меѓу сојузниците.

На крајот, ќе предложам подновување на Стратегискиот концепт на НАТО, за здружено да соочиме со стратегиското опкружување, да ја обновиме посветеноста кон нашите вредности и да ја засилиме шпрекуатлантската врска“, најави Столтенберг пред почетокот на состанокот.