Стокхолм+50: Спасот на планетата е наша одговорност

Фото: stockholm50.global

Под мотото „Време е за смели избори. Време е за итна акција. Време е за подобра иднина на здрава планета“, лидерите на над 100 држави вчера и денеска во Стокхолм, на меѓународната конференција на Обединетите нации за здрава планета, „Стокхолм +50: здрава планета за просперитет на сите – наша одговорност, наша можност“, уште еднаш ја истакнаа ургентноста од итни акции за спас на планетата.

Половина век по првата конференција во Стокхолм, во 1972 година, претставници на влади, граѓански организации, младински организации и компании, се собраа за да дискутираат за тројната планетарна криза на Земјата, климата, природата и загадувањето и потребата да се поттикне акција за одржлив развој и здрава планета.

„Глобалната благосостојба е загрозена заради тоа што не ги исполнивме нашите ветувања за животната средина“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и посочи дека во изминатите пет децении иако сведочиме и за успеси во заштитата на планетата, како спасувањето на озонската обвивка, сепак, природните системи на планетата не можат да држат чекор со нашите барања. Тој повика на акција против тројната планетарна криза, климатските промени, загубата на биодиверзитетот и загадувањето и отпадот.

Шведската премиерка Магдалена Андерсон истакна дека развиените земји се тие што најмногу загадуваат, но, најсиромашните се тие што се најтешко погодени.

„Светот веќе постави доста амбициозни цели, затоа овој состанок нема да постави нови, но ќе се разговара за начините за постигнување на постоечките цели што е можно побрзо и поефикасно, рече Андерсон.

Македонската делегација, предводена од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за животна средина, Насер Нуредини е дел од конференцијата во Стокхолм, а присутни се и претставници на граѓснската организација „Еко свест“.

Маричиќ, обраќајќи се на глабалниот состанок истакна дека иднината на здравата планета е наша заедничка обврска. Тој ги потенцираше долгорочните цели на земјава до 2050 година да стане просперитетна економија со ниска емисија на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, и која ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија.

На маргините на меѓународната конференција министерот за животна средина Нуредини оствари работни средби со норвешкиот министер за клима и животна средина Еспен Барт Еиде со кој разговараше за отстранувањето на историскиот отпад во Охис и со швајцарскиот државен секретар Катрин Шнебергер, при што разговараа за поддршката од Швајцарската Влада за Програмата за заштита на природата и за управувањето со отпадот, особено во Полог.

Од „Еко свест“ посочуваат дека конфернецијата „Стокхолм+50“ е најзначајниот еколошки настан годинава.

„Највлијателните и значјани општественици, граѓански организации и чинители се собрани и ќе дискутираат за климатската криза, одржливиот развој и зачувувањето на планатата земја – нашиот единствен дом“, велат екологистите.