Филип Стојановски во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на 26 јануари 2021 година.

Јасно е дека ако има кршење на закони, мора да се спроведат мерки и во и вон интернет. Ако некој крши закон онлајн, тоа мора да се истретира исто како да се случило офлајн. И компаниите што управуваат со социјалните мрежи се свесни за тоа и затоа преземаат низа мерки, за да се заштитат себеси од последици, односно, да се заштитат од тоа да бидат прогласени за виновни за содржини со кои се шири говор на омраза, се повикува на насилство, се кршат човечките права, но и авторските права, посочи Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ претпладнево.

Стојановски потсети дека сите корисници на социјалните мрежи пред вклучувањето во некоја од нив мора да притиснат „Се согласувам“ (I agree), без разлика дали ги прочитале или не правилата на користење и однесување, а со тоа потпишале валиден правен договор со компанијата што е сопственик на социјалната мрежа, односно со тоа се согласиле на правилата. Тоа, пак, може да значи и давање за право на платформата за отстранување на содржини и коментари што повикуваат или содржат криминал и дезинформации, како говор на омраза, повикување на насилство, кршење на правата, што се случи и со профилите на доскорешниот претседател на САД, Доналд Трамп.

 

 

Социјалните мрежи, пак, се обврзани со почитувањето на законските норми, и се многу свесни за тоа. Еден добар пример за тоа е усогласување на правилата за  користење со законодавството на ЕУ, кое компаниите кои раководат со големите социјални мрежи, како Фејсбук, Гугл, Твитер, мора да го почитуваат, ако сакаат да работат во ЕУ, иако станува збор за законодавство различно од нивната земја, во случајов САД. Најзначајните платформи на социјални мрежи се придружија и на Кодексот на ЕУ за спротивставување на нелегален говор на омраза на интернет (The EU Code of conduct on countering illegal hate speech online) па дури ги применуваат и истите правила, односно бришат содржини и коментар и во земји на кои не се однесуваат тие прописи, како Австралија, нагласи Стојановски.

Тој потсети дека и голем број медиумски веб-сајтови во нашава земја пред неколку години ја исклучија можноста за коментирање на нив во периодот откако Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот „Делфи против Естонија“ пресуди дека и онлајн платформите имаат одговорност за содржина на коментари кои содржат говор на омраза како антисемитизам.

„Пред неколку години имаше ситуација кога повеќето медиумски веб-сајтови ги исклучија коментарите, не знам дали се исплашија дека ќе бидат тужени за коментарите… Но во европскиот судски систем постои основа да се бара одговорност од платформите. Затоа, голем дел од платформите за да се усогласат со законските рамки во земји кај што работат, а не се исти со нивната земја, во случајов САД, имаат воведено правила што воведуваат механизми за законска заштита во одредени други земји. Така, тие овозможуваат можности за корисниците може да пријават одредени криминални дејствија, говор на омраза, закани, форми на малтретирање, кршење авторски права, и платформите ги отстрануваат според нивни механизам. Тие најчесто тоа не го кажуваат јавно, но може да се увиди дека сакаат да се заштитат, да не се доведат во опасност да бидат соучесници криминал. На пример, забрануваат да се кршат авторски права, да речеме со објава на видеа, па тргаат содржини ако добијат пријава, ако самите утврдат кршење на правилата, а гледаме и во многу случаи дека содржини се тргаат дури и преку одредени алгоритми“, појасни Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, во своето гостување во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ претпладнево.