Филип Стојановски. Фото: Исечок од видео на ТВ 21

Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ 21 вчеравечер зборуваше за кревањето на свеста во јавноста за негативните ефекти од дезинформациите. Тој посочи дека според новите сондажи на јавното мислење, огромен дел од граѓаните сметаат дека дезинформациите се сериозен проблем на општеството, и бараат мерки од страна на државата за справување со него, односно за поднесување одговорност од страна на медиумите.

„Над 83 отсто од граѓаните сметаат дека дезинформациите се општествен проблем, проблем на нашето општество, и голем дел од нив бараат и интервенција од страна на државата при решавање на овој проблем. Меѓу другото, има и барања за промена на законските рамки, која што би овозможила поголема одговорност од сите видови медиуми и тоа беше нешто што е прилично ново, бидејќи претходно таков тип теми не ја интересираа генералната популација. А сега гледаме дека кај граѓаните постои и свест, постои и свесност да бараат од институциите на државата да ги заштити, заедно со институциите на демократијата, а тоа се медиумите“, порача Стојановски.

Тој појасни и дека граѓаните бараат поголема примена на новинарските професионални стандарди и новинарите да направат многу поголем ангажман во борбата со дезинформациите и манипулациите.

„Огромен број од граѓаните препознаваат дека има проблем со содржините. Голем дел од граѓаните сметаат дека не можат секогаш да ги препознаат тие манипулации и бараат помош и од новинарите. Едно од барањата беше новинарите да ги применуваат своите стандарди и да се борат во првата борбена линија против дезинформациите“, вели Стојановски.

Тој истакна и дека впечаток кај голем дел од граѓанството е дека политичарите се меѓу најинтензивните извори на дезинформации, рака под рака со медиумите и со социјалните мрежи.

„Како прво се наведени политичарите, но и медиумите, социјалните медиуми, порталите, за жал… Има и други, но 70 до 80 и повеќе отсто од граѓаните ги сметаат овој вид извори за проблематични, иако, мора да се оградиме тука – не сите политичари може да се се сметаат за такви, односно 80 отсто од сите политичари, туку тоа е став на луѓето кои го интерпретираат тој вид на прашање на начин кој им одговара“, вели Стојановски.

Тој заклучи дека најважната работа од согледувањето на ставовите на јавноста е дека расте свеста за проблемот и расте спремноста да се поддржат активности коишто би го решиле тој проблем.