Стојановска: Тежок е патот до називот доктор, јас штотуку ги поминав првите бебешки чекори

Првенец на генерација во СМУГС Д-р „Панче Караѓозов“ во Скопје годинава е Ивана Стојановска од Куманово. Оваа титула ја добива, како што вели со посветеноста на училишните обврски поради кои неопходно било да жртвува многу работи, вклучувајќи ги излегувањата со пријателите, но за кои не се покајала.

За струката медицински лабораториски техничар, се одлучила бидејќи уште како малечка се замислувала себеси како научник, изолиран во својата лабораторија користејќи го своето време да истражува за главните прашања на универзумот. Огромно влијание во развојот на нејзината љубов кон науката, вели дека имаат X-men стриповите, филмовите, но и цртаниот филм Dexter. Изминатите четири средношколски години ги заокружува како позитивно искуство, кога со „бебешки чекори“ започнува да ја гради својата иднина.

Ивана Стојановска / Фото: Лична архива

„Самиот факт дека на 14 годишна возраст се одлучив да го учам средното образование надвор од својот роден град Куманово, иако покажувaше доза детска наивност, ја покажуваше упорноста и љубовта кон одбраната струкa. Дента кога го земав најголемиот можен мантил 46ка кој ми беше десет броја поголем знаев дека тоа е тоа што сакам да го правам“ изјави Стојановска за Мета.мк.

Таа вели дека првата средношколска година ќе ја помни како најтешка, но не поради училишните предмети, туку поради самите околности кога на рана возраст се впуштила во непозната средина за да го учи она што го сака. Додава дека во тие моменти најмногу и помогнала поддршката од родителите кои и дозволиле сама да одлучува, но и од пријателите кои што ги запознала во Скопје.

„Со текот на годините стекнав пријателства и другарства меѓу кои се и Елени, Кате и Фросе, кои што ќе останат за цел живот, но добив и личности, професори, ментори кои што секогаш ќе бидат важен дел од мене и моите средношколски години. Огромна улога во прилагодувањето во тој период имаше мојата прва другарка од Скопје, Живка, најмилата и прекрасна личност што ја запознав и која беше фина кон мене, иако ја замарав со многу лоши смешки, кои сега и се допаѓаат“ додава Стојановска.

Во целиот процес за развој на својата личност, но и стекнување на знаење, влијание имала и од професорките Билјана Стефановска и класната раководителка Д-р Вера Бутикоска. Како омилени предмети ги издвојува биологија и хемија.

Стојановска е волонтер во Црвен крст Куманово, како и заменик лидер на Клуб на млади на ООЦК Куманово / Фото: Лична архива

„Двете науки се базирани врз факт и вистина, а за мене лично не постои подобра комбинација. Имавме посебни предмети Микробиологија и Паразитологија, кои претставуваат доста комплицирани дисциплини но се неверојатно интересни бидејќи се предизвикувачки, со истражувачко дијагностички карактер кои мене лично ми претставуваа интересен елемент и важен извор на информации“ појаснува Стојановска.

Но да се заврши учебната година во корона услови не било лесно. Стојановска раскажува дека потешкотиите се јавиле во форма на фрустрација, стрес и тешко чувство на недовршеност.

„Не добивме шанса за никаков заеднички заклучок. Не успеавме да ги поминеме најубавите месеци од годинава заедно, на часови, на пракса, после школо на кафе во „Рандеву“ или „Академи“. Сè уште стои тоа чувство на недостиг на солиден завршеток“ објаснува таа.

За себе вели дека не знае каде ќе биде за 10 години отсега, но верува дека на себе ќе го носи белиот мантил.

„Планот е да се запишам на Медицински факултет во Скопје, од каде што отпосле ќе направам трансфер на универзитет надвор од Македонија. Којзнае, можеби ќе завршам во некое селце во Скандинавија или на планина“ објаснува Стојановска.

Стојановска, врснички едукатор и тренер на врснички едукатори / Фото: Лична архива

Таа е децидна дека иако патот до назив „доктор“ е тежок, не се плаши од предизвиците и иднината.

„Не можеш да се плашиш од нешто кое што го сакаш. Во тука лежи и проблемот, луѓето ги прават работите кои што тие не ги сакаат и поради тоа излегува кадар којшто е неспремен да се посвети себеси, своето време и внимание во работата со пациенти, вистински живи суштества. Моето мислење е квалитет наспроти квантитет. Што е подобро? Петстотини доктори кои работат погрешно или пеесетмина кои работат коректно?“ прашува Стојановска.

Актуелната ситуација со корона вирусот најмногу ја загрижила за своите најблиски и за постарите лица, па и поради тоа била поодговорна во однос на мерките за заштита. Таа коментира дека пандемијата е показател за општата и брутално реална неспремност и недоволната ангажираност на некои земји во однос на справување со ситуацијата. Вели дека одговорноста кај младите е на друг, поинаков степен.

„Не е прашањето во никаква дисциплина или принцип, прашањето лежи во моралот и совеста на младите за доброто на другите. Како такви, треба да ги почитуваме мерките и да внимаваме на другите. Не само во пандемија, туку во секое време ова треба да биде закон – хигиената на прво место“ заклучува Стојановска.